„СДС може да дефокусира колку сака, ќе продолжат да растат сите плати“, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

23/04/2025

12:22

229

Големина на фонт

а а а

„Платите и пензиите растат, економијата заживува, а СДС безделничи. СДС седум години власт се грижење единствено за богатење на неговата партиска елита, а народот го остави во длабока сиромаштија, каде пола милион граѓани денот мораа да го поминуваат со по 150 денари на ден“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на соопштението на СДСМ.

„СДС може да пишува што сака, да дефокусира колку сака, но едно е сигурно, за само десет месеци власт на ВМРО-ДПМНЕ, линеарно се зголемија пензиите за сите пензионери за пет илјади денари.

Се постигна историски договор за раст на платите на вработени во јавното здравство, каде што освен на лекарите и медицинските сестри, значително се покачија платите и на техничкиот персонал, кои СДС ги заборави за време на нивното седумгодишно владеење. Зголемувањето на платите ќе продолжи и понатаму, така што до крајот на мандатот предвидено е да достигне и до 50%.

Покачување на платите добија и сите вработени во образованието, кои исто така, етапно ќе продолжат да се зголемуваат, при што до крајот на мандатот предвидено е нивните плати да се зголемат за 46%.

Зголемување на плати имаше и за вработените во безбедносниот сектор, каде околу 12.000 вработени службени лица добија повисока плата за 10 проценти.

Исто така, согласно закон, со мартовската плата следуваше и покачување на минималната плата.

Откако се сопре слободниот пад на економијата кој СДС го остави, сега веќе се работи на нејзино заживување преку вложување во капитални инвестиции, странски директни инвестиции кои 2024 година достигнаа историски највисоко ниво од над една милијарда евра.

Во однос на цените на производите, во изминатиот период постојано се преземаа мерки за нивно намалување, како ограничување на профитната маржа, замрзнување на цените. А веќе стапи на сила законската обврска со која маркетите треба јавно на нивните веб страници да ги објават цените на производите, мерка која е позитивен пример на успешност која се применува во земји како Израел.

И сето ова влијае за граѓаните да имаат квалитетен и достоинствен животен стандард.

Постепено и сигурно, преку вложување во капитални проекти, раст на економијата, директни странски инвестиции, на одржлив начин ќе продолжат да се зголемуваат платите во сите сектори“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.