Оваа сезона германските земјоделци се потпираат исклучиво на полските берачи на аспарагус и им плаќаат 14 евра од час.
Германскиот производител на аспарагус Харм Шмитендорф, се пожалил дека не може да пронајде работници. Иако плаќа речиси 3.000 евра месечно, невработените работници, особено невработените Германци, се двоумат околу прифаќањето на работата.
Шмитендорф долго време зависи од странски работници, што засега добро функционирало. Меѓутоа, сега станува сè потешко да се регрутираат и задржат овие работници.
Полските и романските берачи на аспарагус сега заработуваат повеќе поради минималната плата, па успеваат да заработат доволно пари пред крајот на сезоната и да се вратат во татковината, рекол овој 54-годишник.
Поради ова, аспарагусот останува небран и останува на нивата, а Харм исклучиво се занимава со одгледување аспарагус и во ограничен период мора да „заработи за цела година“.
Тој се пожалил дека невработените Германци се откажуваат по еден работен ден или заминуваат на боледување.
И покрај тоа, тој е принуден да им исплаќа плата уште шест недели.
„Се откажав од пријавување слободни работни места во заводот за вработување. И онака никој не доаѓа. А ако дојдат, заминуваат по еден ден или поднесуваат барање за боледување. Германците мора да го кренат задникот“, истакнал овој искусен производител на аспарагус од Шлезвиг-Холштајн.
Полските берачи на аспарагус исто така имаат болки во грбот по првите денови, додал Шмитендорф.
Напорната работа бара многу од работниците, особено на почетокот од сезоната, пред телото да се навикне на интензивна физичка активност. Но, по првичните тешкотии, телото се приспособува на оптоварувањето, објаснил тој.
Оваа сезона, Шмитендорф се потпира исклучиво на полските берачи на аспарагус и им плаќа 14 евра од час. Со шестдневна работна недела и 48 работни часа неделно, месечната плата изнесува 2.912 евра.
Ова е значителен приход за берачите, но очигледно не е доволен поттик за германските невработени да работат во земјоделството.
Сопругата на Шмитендорф е убедена: „Без источноевропските работници ние во Германија не би имале што да јадеме“.