Легендарниот француски фудбалер Патрис Евра го повика еден од најголемите ММА борци на сите времиња, Хабиб Нурмагомедов, да му помогне во подготовките за мечот што го очекува на 23 мај.
Патрис Евра, кој има 43 години, одлучи да се испроба во мешовитите боречки вештини (ММА). Првата борба ќе ја има на 23 мај под организацијата на "PFL", а неговиот противник ќе биде објавен наскоро.
Се покажува дека Евра со години наназад тренира ММА. И покрај тоа што е во петтата деценија од животот, решил да влезе во октагонот и да покаже што знае.
„Тренирам веќе со години со најдобрите борци во светот и тие ќе ви кажат дека сум подготвен за ова. Ќе им покажам на сите на 23 мај. Дојдете да видите спектакл“, порача Евра, додавајќи:
„Во фудбалот освоив сè, но ова ќе биде посебна ноќ за мене.“
Иако веќе има големо искуство во тренинзите, Евра сепак се обратил и до легендарниот Хабиб Нурмагомедов.
„Конечно ми се јави. Зошто не одговараш кога ти се јавувам?“, го праша Хабиб, на што Евра се пошегува:
„Брате, жал ми е. Не сум ја платил сметката за телефон. Не сум богат како тебе“, на што Хабиб му одговори дека ќе му ја плати следниот пат.
„Брате, не ти треба ова. Јас ќе се борам за тебе. Кога ќе се видиме следниот пат, ќе те научам како да ги удираш луѓето“, му порача Хабиб.
Останува да видиме како Евра ќе се снајде во октагонот на 23 мај, но едно е сигурно – од ваква легенда како Хабиб, сигурно има што да научи … ако го издржи тренинг-кампот.