Според „New York Times“, оваа продажба поставува нов светски рекорд за тркачка кацига користена во натпревар.
Кацигата што ја носеше легендарниот возач на Формула 1, Аиртон Сена, за време на Големата награда на Белгија во 1992 година – трка запаметена по неговото херојско спасување на онесвестениот ривал Ерик Кома – е продадена за рекордни 720.000 фунти (околу 840.000 евра). Како што пренесува "New York Times", ова е највисоката цена платена за тркачка кацига што била користена во официјален натпревар.
Аукциската куќа "RM Sotheby’s" потврди дека со оваа продажба е срушен претходниот рекорд кој го држеше кацигата на Чарлс Леклер, актуелен возач на Ферари. Неговата кацига од Големата награда на Монако во 2023 година беше продадена за 262.700 фунти (околу 307.000 евра) во јуни истата година, а средствата беа наменети за помош на настраданите во катастрофалните поплави во италијанскиот регион Емилија-Ромања. Продажбата на Леклер го сруши рекордот од 139.100 фунти (околу 163.000 евра) поставен во 2019 година со продажбата на друга кацига на Сена, која тој ја носел во сезоната 1990.
Кацигата од Белгиската ГП 1992, која достигна рекордна цена, е производ на "Shoei" – реномиран производител на кациги првенствено за мотоциклизам, кој во 1992 година започна соработка со Сена во Формула 1. Станува збор за специјално приспособен тркачки модел "X-4", изработен така што тежи 100 – 200 грама помалку од стандардната верзија достапна за јавноста. Кацигата, која беше понудена на онлајн аукција помеѓу 23 и 28 април, го носи препознатливиот дизајн на Сена – жолто-зелено-сини линии инспирирани од бразилското знаме, со логоата на спонзорите на "McLaren" и снабдувачот на мотори "Honda".
Она што ја прави оваа кацига особено вредна е настанот за време на тренингот за таа трка на застрашувачката патека Спа-Франкоршамп во Белгија. Возачот на "Ligier", Ерик Кома, доживеа тешка несреќа во брзиот свиок Бланшимон, изгуби свест при ударот, а неговата нога остана заглавена на педалата за гас, додека моторот и понатаму работеше со полн капацитет.
Сена, кој пристигна на местото неколку моменти подоцна, веднаш ја препозна животната опасност. Го застана својот "McLaren" покрај патеката, истрча назад кон искршениот болид на Кома, вешто избегнувајќи други возила што поминуваа со голема брзина. Стигна до повредениот Французин пред безбедносниот персонал, храбро посегна во кокпитот и го изгаси моторот – со тоа ја отстрани директната опасност од пожар или дополнителни механички проблеми што можеа да му го загрозат животот на Кома. Потоа ја придржуваше неговата глава во стабилна положба додека не пристигна медицинскиот тим.
Францускиот возач подоцна јавно му се заблагодари на Сена, изјавувајќи дека му го спасил животот. Во уште еден емотивен момент што ги поврзува овие двајца возачи, Ерик Кома во текот на прекинот на трката за Големата награда на Сан Марино во 1994 година, по фаталната несреќа на Сена, со својот болид пристигна на местото на трагедијата.
На самата трка во Белгија во 1992 година победи Михаел Шумахер, тогаш возач на Бенетон, кој ја забележа својата прва од вкупно 91 победа во Формула 1. Сена заврши петти за "McLaren", додека Кома, очекувано, не настапи поради повредите од несреќата. Сезоната 1992 беше предизвикувачка за Сена и "McLaren" – откако ги освои последните два од своите три шампионски титули во 1990 и 1991 година, некогаш доминантната комбинација "McLaren-Honda" почна да заостанува зад технолошки посовремените болиди на "Williams-Renault".