"BMW M" подготвува наследник на легендарниот "M1" – пристигнува електричен суперавтомобил од соништата!

Точка

02/05/2025

17:53

805

Големина на фонт

а а а

Во "BMW" се свесни дека тешко ќе освојат дел од пазарот кој го држат иконите како "Porsche 911", но тоа не ги спречува да се обидат.

Ако го изземеме контроверзниот "XM", кој многу љубители на брендот не го признаваат како вистински "M" модел, легендарната "M" дивизија дури сега работи на целосно нов автомобил – првиот по култниот "M1".

"BMW M1" се појави уште во 1970-тите, но постави стандарди кои и денес тешко се надминуваат – без разлика дали зборуваме за дизајн, перформанси или технолошки иновации.

Новиот модел има јасна мисија: да го предизвика истиот ефект на воодушевување како "Ford GT" за "Ford", или "Audi R8" за "Audi".

Веќе е познато дека минатогодишниот концепт "BMW Skytop", прикажан на конкурсот за елеганција "Villa d’Este", ќе влезе во лимитирано производство од 50 примероци по цена од околу 500.000 евра.


И без каква било промоција – сите се веќе распродадени.

Благодарение на тој успех, "BMW" сега планира сличен потег со "M" дивизијата.

Заменик-претседателката на брендот "BMW M", Силвија Нојбауер, во изјава за "AutoExpress" откри:

„Стратегијата на "BMW" е да понуди автомобили во мали серии. Веќе оваа година ќе претставиме нешто ново на изложбата во "Villa d’Este", а потоа следуваат уште неколку ексклузивни серии со ознаката ’M‘.“


На прашањето дали во тој контекст може да се појави нов модел инспириран од оригиналниот "M1", Нојбауер одговори:

„Дефинитивно. Ваквите автомобили јасно го позиционираат брендот. Дури и оние што не можат да ги купат – им се восхитуваат. И тоа е дел од нашата иднина.“

Многумина се надеваат дека новиот суперавтомобил би можел да биде поврзан со откажаниот проект "I16", кој бил 95% готов пред "BMW" да му даде приоритет на "XM".

Нови спортски модели базирани на "Neue Klasse" платформата веќе се забележани на патеките, а се очекува наследникот на "M1" да донесе врвни перформанси – но во целосно електрична форма.


Конкуренција на "Porsche 911"?

"BMW" е свесен дека тешко ќе заземе дел од пазарот на икони како "Porsche 911", но тоа не значи дека нема да се обиде.

На прашањето дали новиот "M" модел може да биде директна конкуренција токму на "Porsche", Нојбауер одговара:

„Тоа е многу интересно пазарно подрачје. Купувачите на "Porsche" се исклучително лојални. Ако тргнеме по тој пат, мора да го направиме тоа совршено – без ниту една грешка.“

А кога ќе го видиме новиот автомобил? Нојбауер мистериозно порача:

„Да го почекаме вистинскиот момент.“