[ВИДЕО] Вориорс го елиминираа Хјустон, Индијана го изненади Кливленд

Точка

05/05/2025

09:16

265

Големина на фонт

а а а

Голден Стејт Вориорс се последниот тим што се пласираше во втората рунда од овогодинешните плејоф во НБА лигата.

Во седмиот натпревар, кој се одигра во Хјустон, Вориорс славеа со 103:89 и се пласираа во следната рунда на Западот со вкупен резултат од 4:3. Таму ги чекаат Минесота Тимбервулвс.

Тимот од Сан Франциско стигна до двоцифрена предност во првото полувреме. Хјустон губеше со три поени во третата четвртина, но поискусните Вориорс не дозволија пресврт.

Откако постигна само три поени во првото полувреме, Стеф Кари во вториот дел се разбуди и го водеше својот тим до победа со 22 поени, 10 скока и седум асистенции.

Сепак, херој на победата беше Бади Хилд, кој постигна 33 поени, Џими Батлер имаше 20 поени, осум скока и седум асистенции.

Хјустон го предводеше Амин Томпсон со 24 поени и девет скока, додека Алперен Сенгун постигна 21 поен, 14 скока и пет асистенции.

На Истокот, второто коло од плејофот веќе започна, а во првиот натпревар Индијана Пејсерс ги изненадија домашните Кливленд Кавалирс, кои се први носители, и ги победија со 121:112. Во неизвесен натпревар, решавачка беше последна четвртина.

Ендру Нембхард имаше 23 поени и шест асистенции, а Тајрис Халибартон забележа 22 поени и 13 асистенции за победничкиот тим. За Кливленд, Донован Мичел постигна 33 поени со пет скока и четири асистенции, додека Тај Џером постигна 21 поен со осум асистенции.