На синот на ѕидар и келнерка денес му се восхитува целиот свет: „Тој е посебен, тој е гениј“

Точка

05/05/2025

10:39

2.176

Големина на фонт

а а а

Уште пред повеќе од десет години, вујкото на Ламин, Абдул, во својата пекарница постави реплика на трофејот од Светското првенство и изјави: „Овој трофеј е тука затоа што мојот внук еден ден ќе го освои.“ Тогаш сите му се смееја и го нарекуваа луд …

Минатата недела дојде до значителна промена на листата на фаворити за Златната топка според обложувалниците и суперкомпјутерите. На местото на дотогашниот фаворит, бразилецот Рафиња од Барселона, дојде неговиот клупски колега, Ламин Јамал, кој со 34% шанси се најде на првото место. Ако овие прогнози се остварат, 17-годишното фудбалско чудо ќе го сруши досегашниот рекорд за најмлад добитник на оваа престижна награда, кој моментално го држи легендарниот Роналдо Назарио, кој ја освои Златната топка во 1997 година на 21-годишна возраст.

Ова би било совршен крај на приказната за неговите многубројни рекорди. На 16 години и 45 дена, Јамал стана најмладиот фудбалер што започнал натпревар во шпанската Ла Лига, а уште како 15-годишник дебитираше за Барселона. Само 12 дена подоцна, стана најмладиот стрелец во историјата на квалификациите за Европското првенство, погодувајќи на својот дебитантски натпревар за Шпанија против Грузија. Истовремено, стана и најмладиот играч и стрелец во историјата на шпанската репрезентација. Лани, на Европското првенство, сруши низа рекорди: стана најмладиот играч што заиграл, потоа и најмладиот стрелец, а ден по својот 17. роденден и најмладиот освојувач на титулата европски шампион. И не само што беше дел од тимот, туку беше и еден од најважните играчи на „Црвената фурија“ на патот кон златото.


Име добиено по брачен пар

Лигата на шампионите е уште едно натпреварување полно со негови рекорди. Со 16 години и 83 дена, во натпреварот меѓу Барселона и Порто, стана најмладиот стартер во историјата на ЛШ. Подоцна ги додаде и рекордите за најмлад играч во нокаут-фаза, најмлад стрелец и асистент во ист натпревар. Најновиот рекорд го постави неодамна, кога во ремито 3:3 против Интер во полуфиналето, стана најмладиот стрелец во полуфинале на ЛШ (17 години и 291 ден), рушејќи го рекордот на Килијан Мбапе (18 години и 140 дена). Така го одбележа и својот јубилеен 100-ти настап за Барселона, на кои има постигнато 22 гола и 33 асистенции. За споредба, Кристијано Роналдо на истата возраст имал само 19 настапи, пет гола и четири асистенции, а Лионел Меси само девет настапи со еден гол.


Јамал е без сомнение фудбалски феномен каков одамна не се појавил. Веќе сега е еден од највпечатливите фудбалери на светската сцена. Тоа најдобро го покажуваат изјавите на водечки фигури во фудбалот.

„Ламин е играч што се раѓа еднаш во 50 години, неверојатен е“, изјави тренерот на Интер, Симоне Инѕаги. А неговиот тренер, трофејниот Ханси Флик, додаде:

„Тој е посебен, тој е гениј. Кога го гледаш на терен, си импресиониран, но дури при видео анализа сфаќаш колку прецизно и совршено ги изведува секојдневните детали. Тешко е да се опише со зборови.


Портретот на неделата заслужено му го посветуваме на ова фудбалско чудо. Јамал е роден на 13 јули 2007 година во предградие на Барселона, Есплугес де Љобрегат. Неговата мајка, Шеила Ебана, дошла во Шпанија од Екваторијална Гвинеја, а татко му Монир Насрауи е од Мароко. На копачките секогаш ги носи боите на двете држави. Името „Ламин Јамал“ го добил по брачен пар со кој неговите родители живееле под кирија, кои често им помагале финансиски. Со тоа име, родителите им оддале чест за поддршката.

Јамал го поминал детството помеѓу Гранолерс и Матаро, бидејќи родителите му се развеле кога имал само три години. Татко му работел како ѕидар и молер, а мајка му како келнерка во Мекдоналдс. Првиот клуб му бил Ла Торета, но најмногу уживал играјќи фудбал на улиците во населбата Рокафонда – дел од Матаро, каде и денес се враќа секое лето. Населба во која од 12.000 жители, 3.500 се имигранти од Мароко, и каде над 50% живеат под прагот на сиромаштија. Јамал и оддава почит со прославата на голови покажувајќи го бројот 304 – последните три цифри од поштенскиот код на таа населба.


Меси го капел како бебе

Една од најфасцинантните приказни од неговото детство е поврзана со Лионел Меси. На интернет кружи фотографија на која Меси капе бебе – а тоа бебе е токму Јамал. Неговите родители го пријавиле на натпревар за хуманитарен календар со ѕвездите на Барса, и 10-месечниот Јамал добил чест да биде сликан со легендарниот Аргентинец. Многумина се пошегуваа: „Меси му ги пренел супермоќите.“

На шест години, Јамал станал дел од познатата школа Ла Масија.


„Добиениот скаутски извештај беше толку јасен. Детето беше поразлично од сите, и го поканивме на пробен меч. Веќе тогаш блескаше – изјави поранешниот директор на академијата, Жорди Рура.

Иако живееше во Каталонија, клубот направи преседан и го смести да живее во комплексот на Ла Масија, што обично е резервирано за деца од подалеку, за да му го следат ритамот на оброци, тренинг и одмор. Секогаш се истакнувал по скромноста и културата, благодарение на воспитувањето. Иако далеку подобар од врсниците, никогаш не бил себичен – секогаш играл за тимот.


Толку бил посебен што директно ја прескокнал Б екипата на јуниорите и преминал од кадетска А во јуниорска А селекција – нешто што никогаш претходно не се случило. Иако многумина ја критикуваа одлуката, таа се покажа како вистински потег. Денес, Јамал секојдневно пишува историја – и сè уште оди во средно училиште.