„ВМРО-ДПМНЕ пак излажа: Пратениците не го изгласаа предлогот за незастарливост на дела против службената должност“, велат од Левица

Макфакс

06/05/2025

15:11

867

Големина на фонт

а а а

На денешната седница на Собранието, на Дневен ред се најде и предлогот за измена и дополнување на Кривичниот законик, поднесен од пратеничката група на Левица. Измените предвидуваа дуплирање на роковите за застарување на кривичните дела и незастарчивост на кривичните дела кои се однесуваат на економски криминал и злоупотреба на службената должност, извести партијата Левица.

По овој предлог на Левица гласаа само 18 пратеника, односно, парламентарното мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ – не гласаше и не се произнесе по овој Предлог-закон.

Предлогот го образложи пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ кој потсети дека вакви измени налага одлуката на Уставниот суд, но беа и дел од предизборните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ: „Ако има некаква политичка кичма денеска, овој предлог треба да добие поддршка. Затоа што оваа владејачка партија сегашна и нејзиниот лидер, сегашниот претседател на Владата, рече дека ќе иницира промени во Кривичниот законик кои ќе ги анулираат оние од ноември 2023 година“ – рече тој.

„Буквално беа аболицирани сите работи кои директно влијаеа на квалитетот на животот, на реформскиот капацитет за Европска Унија, за која нели се целите и стремите и барате гласови. Но, резултати нема. Единствениот резултат е што оние кои се огрешиле од државниот апарат, сега можат многу побезбедно да дишат. Корупцијата е дефинирана рак-рана во македонското општество, и овие измени кои ги предлагаме се акутна терапија за македонскиот контекст. И тоа сите во оваа просторија го знаеме, дека она кое го храни најповеќе магепсаниот круг на нашата стагнација – се коруптивните зделки помеѓу политичката и бизнис елитата“ – потенцираше Мециновиќ.

„Затоа, јавноста беше згрозена. Меѓународната заедница реагираше. Европската унија бараше, но, во македонското Собрание се случуваше какафонија и покрај сите повици за разум. И откако се случи најголемата трагедија во македонското општество во поновото време, а тоа е трагедијата во Кочани, многу функционери кои се директно вмешани во резултатите кои ги имавме трагични, нема да ги стигне правдата заради Кривичниот законик кој беше изменет во ноември 2023 година“ – потсети пратеникот.

„Измените кои ги нудиме се однесуваат на две работи. Иако во тие измени тогаш беше променета и казнената политика и периодот за застарување на делата, ние денеска нудиме одредбите кои се однесуваат на застарување на делата да бидат дуплирани, па така – сите рокови да бидат дуплирани за да се овозможи да биде остварена правдата. Затоа што во Македонија гледаме дека жртвите и нивните семејства и нивните најблиски не можат никогаш да бидат утешени преку соодветен процес на правда и задоволување на правдата. Свесни сме сите дека во судството и во обвинителството се злоупотребуваат кратките рокови за застарување за да се заташкаат дела. За тоа постојат и ценовници. За тоа постојат и притисоци. За тоа постои и Ваша пракса, колеги, која најдобро ја знаете“ – појасни Мециновиќ во однос на предлогот за дуплирање на роковите за застарување на сите кривични дела.

„Покрај роковите за застарување, нудиме и додавање на економскиот криминал во плејадата на дела кои не можат да застарат. И тие дела поврзани со економскиот криминал би биле поврзани со злоупотребата на службената должност и целата глава во врска со злоупотребата на службената должност т.е. тие дела да не можат да застаруваат“ – објасни пратеникот во однос на предологот за незастарување на делата кои се однесуваат на службената должност.

„Јас сум свесен дека овие измени се однесуваат на некои од вас, но не сме ви ние криви. Вие се наоѓате во Собранието на Република Македонија и две години се бараат овие измени од вас. Така да, веројатно е тешко да се надмине личниот интерес кога се работи за казнената политика. Но, ова е една од работите кои ги засегаат граѓаните во Македонија, особено во последниот период кога сфатија дека не е потребен само трансфер на власт за да се смени нешто, туку дека секој трансфер на власт само го легитимира процесот на девалвирање на сите услови на живот во Македонија. Зошто? Затоа што преку корупција во Македонија треба да се создаваат милионери. И тие милионери да бидат аболицирани од кривична одговорност со нивните пријатели во политиката кои ја овозможуваат нивната генеза воопшто со нивното политичко постапување. Затоа сметам дека ова ќе ви биде лесно да го прифатите во однос на Вашите ветувања. Затоа што се во јадрото на Вашите ветувања за овој мандат, ветувања на вашите лидери, ветувања на вашите политичари, ветувања на вашите аналитичари и медиуми блиски до вас“ – кажа пратеникот Мециновиќ, но парламентарното мнозинство, сепак не гласаше по овој предлог.