Германски печат: „Бламажа“ за Мерц, „црн ден“ за Германија

Точка

06/05/2025

15:34

1.015

Големина на фонт

а а а

„Веројатно е дека црно-црвената коалиција ќе дојде на власт. Сè друго би значело државна криза. Но, атмосферата е веќе затруена, недовербата е посеана“, велат германските медиуми за поразот на Фридрих Мерц на првото гласање за канцелар.

Историскиот ден во Бундестагот, односно првиот пат кога кандидат за канцелар не бил избран во првиот круг од гласањето, предизвика брзи реакции на германскиот печат, пренесе Дојче Веле.


Фридрих Мерц, лидерот на Христијанско-демократската унија (CDU), доби 310 гласови, а за да биде избран беа потребни 316 гласови. Ова се случи и покрај фактот дека идните коалициски партнери ЦДУ/ЦСУ и СПД имаат 328 претставници, од кои сите наводно биле присутни на седницата на Бундестагот.

Не е познато кој се воздржал, кој не гласал или кој гласал против. За причините засега само се шпекулира.

„Осумнаесет бунтовници“, пишува весникот „Ханделсблат“, наведувајќи дека партиите што сакаа да формираат нова влада сега се во состојба на шок. Весникот нагласува дека тие мора да „излезат од шок“ пред новата рунда гласање.


Од друга страна, „Зидојче цајтунг“ оценува дека, дури и ако се воспостави партиска дисциплина и Мерц биде избран во вториот круг, кандидатот за канцелар е „веќе разнишан“.

Уште поостар е неделникот „Ди Цајт“, кој веќе во својот наслов пишува: „Ова е чиста бламажа“. „Мерц беше соборен од сопствените редови и остави хаос зад себе. Тоа е неодговорно. Оваа негативна епизода засекогаш ќе остане товар за него.“

„Неодговорно оставање на цедило“

Нордкуриер коментира дека некои членови на христијанските демократи или социјалдемократите „го торпедирале својот иден канцелар уште при самиот негов избор – од лични причини или поради партиски игри на моќ“. „И токму тоа во моментов не ѝ е потребно на нашата земја. Неодговорно е да се остави новиот канцелар на цедило во толку напната домашна и надворешнополитичка ситуација“, се вели во коментарот.


Но се додава дека постојат добри аргументи за спротивставување на Мерц, но дека дури и неговите противници треба да посакаат што поскоро тој да ја преземе владата – наместо државата да влезе во нова игра на нерви.

За левичарскиот неделник „Фрајтаг“, одлична вест е што Мерц „лесно“ не седнал на канцеларското место. Коментаторот е убеден дека „бунтовниците“ дошле од редовите на социјалдемократите – во знак на протест против претходното заедничко гласање на демохристијаните на Мерц и крајно десничарската АфД за миграциската политика.

„Изневерена доверба“

„Генерал-Анцајгер“ од Бон пишува за „супер-колапсот“ на Фридрих Мерц. „Стана јасно дека претседателот на ЦДУ изневери повеќе доверба во последните недели отколку што тој и партијата претпоставуваа.“

Берлинскиот „Моргенпост“ зборува за „црн ден“, „катастрофа за политичката стабилност на земјата“ и „загрозена слика за Германија во Европа“ – како за коалицијата така и за самиот Мерц.


„АфД злонамерно стои покрај овој куп урнатини. Непријателите на мнозинството од демократскиот центар со потсмев го гледаат поразот на Мерц.“

„Веројатно е црно-црвената коалиција сепак ќе дојде на власт. Сè друго би значело државна криза. Но, атмосферата е веќе затруена, недовербата е посеана. Ако Мерц биде избран за канцелар, тој ќе биде сериозно ослабен. За стабилноста повеќе нема разговор“, заклучува Моргенпост.