Раководството на Интер Мајами веќе ги потврди своите големи амбиции со ангажирање на Лионе Меси и уште неколку големи ѕвезди во својот тим, но очекувањата се дека составот од Флорида ќе добие дополнителна надградба во квалитет и во следниот преоден рок.
Најмногу се шпекулираше со трансфер на Кевин де Брујне, откако е јасно дека Белгиецот ќе го напушти Манчестер Сити и бара нова дестинација за продолжението од кариерата.
Интер Мајами дури имаше обезбедено предност во однос на другите МЛС клубови во однос на преговорите со Де Брујне, но американските медиуми објавија дека Дејвид Бекам и неговите соработници се откажале од ваквата можност.
Ставањето на таканаречената „дискавери листа“ обезбедува предност на клубот во преговорите со одреден фудбалер, но Интер Мајами ја информирал лигата дека го повлекува Де Брујне од истата.
Тоа значи дека сега најблиску до потписот на Белгиецот е тимот на Чикаго Фајр, екипата која сезонава е на дури единаесеттото место во Источната конференција во МЛС.
Чикаго допрва ќе преговара со агентите на Де Брујне, па останува да се види каков ќе биде епилогот и дали големата европска ѕвезда ќе прифати да биде нов лидер на американскиот тим.