Искусниот стопер на Интер, Франческо Ачерби, стана апсолутен херој на овој клуб во походот на финалето на Лигата на шампионите, а не толку одамна тој поминал низ сериозна животна драма, односно борбата со тешката болест, депресијата и алкохолизмот.
Иако е на самиот крај од својата кариера, Франческо Ачерби (37) игра подобро од кога било, . Меѓутоа тој поголемиот дел од кариерата го поминал со мисли далеку од фудбалот па се чини дека затоа не ни можел да направи повеќе.
Сепак, трансферот во Интер во 2022 година се покажа како целосен успех и го доведе до статус на еден од најдобрите стопери во италијанскиот фудбал, кој исто така постигнува одлични успеси и во Европа.
Имено Ачерби стана апсолутен херој на Интер во полуфиналето на Лигата на шампионите кога постигна гол во 93-тата минута и на тој начин ги сруши соништата на Барселона, израмнувајќи на 3:3 и форсирајќи продолженија, по што миланскиот гигант се пласираше во финалето на Лигата на шампионите. За сето тоа да биде уште поимпресивно, ова е првиот гол во неговата кариера во Лигата на шампионите.
Од друга страна долгогодишниот италијански репрезентативец зад себе има вистинска животна драма. Имено тој двапати го победил ракот на тестисите.
Проблемите започнале во 2013 година кога го носел дресот на Милан, а потоа се преселил во Сасуоло. Имено прво починал неговиот татко, а потоа го совладале депресијата и прекумерната консумација на алкохол.
Следеле посериозни здравствени проблеми и му бил дијагностициран рак на тестиси. Тоа го открил за време на редовен медицински преглед, па веднаш бил подложен на операција за отстранување на туморот.
Меѓутоа по кратко време ракот повторно се вратил, но Ачерби, рекол дека всушност „ракот го спасил од депресија и алкохолизам“.
„Откако почина татко ми, додека играв за Милан, го допрев дното. Почнав да пијам и, верувајте ми, пиев сè. Можеби звучи како ужасен парадокс, но ракот ме спаси“, изјави Ачерби за „Ла Република“ во 2019 година.
Откако стана херој на Интер и плачеше на теренот по победата, на социјалните мрежи се појавија фотографии од тоа како изгледал овој голем фудбалер во моментите на неговата најголема борба. За среќа, тој се спасил, а новите фотографии од прославата на теренот секако изгледаат многу подобро и можат да послужат како мотивација за сите оние кои минуваат низ слични искушенија.