Може ли ова да ја сруши најмоќната жена во ЕУ? Испливаа пораките на Урсула фон дер Лајен за договорот тежок милијарди

Макфакс

12/05/2025

19:03

2.283

Големина на фонт

а а а

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен се соочува со огромен предизвик оваа недела, бидејќи судот на ЕУ ќе пресуди за тајните пораки што ги разменила со шефот на „Фајзер“, Алберт Бурла, за вакцини во вредност од повеќе милијарди евра купени од ЕУ за време на пандемијата со ковид-19.

Одлуката може да има далекусежни последици не само за претседателката на Комисијата, туку и за начинот на кој европските претставници ги водат преговорите зад затворени врати. Тоа може сериозно да го засени и почетокот на нејзиниот втор петгодишен мандат, кој започна на 1 декември.

Според „Политико“, суштината на правната битка е дали СМС-пораките што содржат информации поврзани со донесувањето политички одлуки треба да се сметаат за официјални документи и со тоа да подлежат на правилата за транспарентност. Додека активистите за транспарентност и бројните правни експерти се залагаат ваквите пораки да бидат достапни на јавноста, Комисијата го тврди спротивното.


Случајот е особено чувствителен бидејќи фон дер Лајен лично го одобри најголемиот договор за вакцини потпишан во име на ЕУ – договорот со „Pfizer“ за набавка на дури 1,8 милијарди дози. Доколку судот пресуди против Комисијата, тоа би можело дополнително да ги зајакне политичките противници кои со години предупредуваат на недостиг на транспарентност за време на пандемијата, особено во однос на набавката на вакцини.

За потсетување, „Њујорк тајмс“ во 2021 година откри дека Фон дер Лајен и Бурла изградиле „длабока доверба“ преку пораки, што, наводно, придонело за брзо склучување на договорот со Фајзер. Сепак, Комисијата одби да ја објави содржината на тие пораки во 2022 година, поради што Тајмс поднесе тужба.

Комисијата на рочиштето во ноември минатата година за првпат официјално призна дека пораките постојат, што предизвика потсмев кај присутните и незадоволство кај судиите. Правните застапници на Комисијата тврдеа дека пораките не се поврзани со преговорите за договорот, па затоа не биле зачувани или достапни. Меѓутоа, судиите го критикуваа недостигот на докази и отсуството на одговори на клучните прашања – како на пример дали претседателката всушност била директно прашана за пораките или пак е проверена нејзината официјална комуникација.

Еден од судиите, Хозе Мартин и Перез де Нанкларес, изјавил дека Комисијата не презела „соодветни и внимателни мерки“ за да ги оправда своите постапки, додека судијата Пол Нихул предупреди на „збунувачката документација“ со која располага.


Европската јавна правобранителка Емили О’Рајли уште во 2022 година оценила дека одбивањето на Комисијата да ги пребара пораките е „случај на лошо управување“ и нагласила дека нивото на транспарентност е намалено под водство на Урсула фон дер Лајен. Во интервју за Политико, О’Рајли дури ја обвинила претседателката на Комисијата дека создава „култура на криење“, а нејзиното отсуство од судското рочиште го нарекла „слон во собата“.

Притисокот врз Фон дер Лајен расте уште повеќе бидејќи Европското јавно обвинителство (ЕППО) потврди дека спроведува истрага за начинот на кој Европската комисија управувала со набавката на вакцини за време на пандемијата.

Раководителката на ЕСЈО, Лаура Кодруца Кевеши изјавила дека одредени функционери на Комисијата веќе се сослушани.

Коментирајќи го целиот случај за Политико, од Комисијата кусо изјавија дека „не коментираат тековни судски процеси“.