Трамп на гости кај моќниот принц, средбата која го менува светот: Започнува турнејата низ Заливот, што е на маса? – Војната со Иран и потегот кој може да му го загорчи животот на Путин

Точка

12/05/2025

20:12

2.256

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп денес тргнува на својата прва државничка турнеја во странство од почетокот на неговиот втор мандат во Белата куќа.

„Форин аферс“ во обемна анализа наведува дека Трамп ќе посети три клучни партнери на САД на Блискиот Исток: Саудиска Арабија, Катар и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), од каде што ќе се врати во Вашингтон на 16 мај.

Влијателното американско списание за надворешна политика проценува дека сè уште не е јасно што Трамп се надева дека ќе постигне таму.

Тој можеби сака да обезбеди договори за продажба на оружје и инвестиции од овие три богати земји во САД.


Можеби, пак се надева дека лично ќе се збогати преку инвестиции од Заливот во неговите недвижнини, инвестициски фондови и криптовалути.

Но многумина се надеваат – а други се загрижени – дека Трамп има поголеми амбиции.

Имено, се чини дека неговото патување е најмногу поврзано со Иран, земја со која неговата администрација преговара во врска со нуклеарната програма на Техеран.

„Форин Аферс“ проценува дека, сепак, поради непредвидливата природа на администрацијата на Трамп и внатрешните несогласувања меѓу неговите клучни советници, неговото патување би можело подеднакво лесно да ги постави темелите за војна со Иран како и за потпишување на нуклеарен договор.

Се вели дека лидерите на арапските држави од Заливот се надевале на реизбор на Трамп на чело на Америка.


Тие добро „поминаа“ за време на првиот мандат на Трамп за разлика од претходниот претседател Џо Бајден, кого не го сакаа толку многу, како повеќето обични луѓе во тие земји, кои го обвинуваа Бајден за овозможување на уништувањето на Појасот Газа од страна на Израел.

Саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, познат и како МБС, никогаш не му прости на Бајден што ја нарече Саудиска Арабија „отпадник“ поради убиството на новинарот Џамал Кашоги.

МБС одржуваше блиски односи со Трамп и неговите соработници за време на владеењето на Бајден и го доведе во заблуда Бајден за можноста Саудиска Арабија да ги нормализира односите со Израел, што, пред нападот на Хамас врз еврејската држава на 7 октомври 2023 година, беше главна цел на администрацијата во Вашингтон која инаку многу не се занимаваше со Блискиот Исток.

Но, 100 дена по почетокот на втората администрација на Трамп, истите тие лидери се збунети и загрижени.


Политиката на Трамп за Блискиот Исток изгледа слично на онаа на Бајден, што е изненадувачки со оглед на тоа колку радикално новата администрација се потруди да ја трансформира федералната влада и да ги промени глобалните сојузи на Америка.

Се вели дека политиките на Трамп кон воено разорените појаси Газа и Јемен се во суштина побрутална и помалку воздржана верзија на онаа што ја водеше Бајден.

„Форин Аферс“ пишува дека одлуката на Трамп да ги посети сите три водечки арапски сили во Заливот, а не само Саудиска Арабија, се чини дека е направена за да се спречи раскол меѓу Америка и нејзините арапски сојузници.

Во својот прв мандат во 2017 година, Трамп ја посети само Саудиска Арабија, а по враќањето, тој ја поддржа изолацијата на Катар во објава на Твитер, односно им даде зелено светло на Саудијците да започнат блокада на Катар заедно со Бахреин, Египет и ОАЕ како казна за поддршка на одредени исламистички организации.

Блокадата го подели Советот за соработка на земјите од Заливот и поттикна посредничко војување и политичка конкуренција низ целиот регион.


Исто така, ги попречи напорите на првата администрација на Трамп да изврши максимален притисок врз Иран преку драконски санкции, бидејќи го принуди Катар да стане позависен од Иран за трговија и пристап до остатокот од светот.

Блокадата на Катар заврши веднаш штом Бајден ја презеде функцијата, бидејќи лидерите во регионот се обидоа да се усогласат со приоритетите на новиот претседател, овој пат во корист на целиот регион.

Подготовките за посетата на Трамп, првото патување во странство во неговиот втор мандат, во голема мера се фокусираа на економијата.

Трамп се надева дека ќе потпише договор за оружје вреден 100 милијарди долари со Саудиска Арабија и ќе ги зголеми инвестициите на земјите од Заливот во американската економија.

Откако Трамп беше реизбран за претседател, МБС јавно ја откри приказната за саудиската инвестиција од 600 милијарди долари во САД.


Според „Њујорк тајмс“, семејните фирми на Трамп заработиле милиони од договори со фирми поврзани со владите на Саудиска Арабија, Катар и ОАЕ.

Трамп би можел да го искористи патувањето и за да се обиде да ги убеди земјите од Заливот да ги држат цените на нафтата ниски, што би можело да биде голем проблем за рускиот претседател Владимир Путин.

За време на администрацијата на Бајден, Саудиска Арабија покажа незаинтересираност да им помага на САД со сопствената нафтена политика.

Всушност, Ријад, заедно со остатокот од ОПЕК+, ја разбесни Белата куќа со намалувањето на производството на „црното злато“, што се одрази на високите цени на бензинот во Америка и на политичка штета на Бајден, а ги зголеми приходите од нафта на Русија, додека Вашингтон ја казнуваше со санкции за инвазијата на Украина.

Но, ниските цени на нафтата се опасни за Ријад, на кој му е потребно да бидат над одреденото ниво за да ја одржи буџетската стабилност и да спроведе амбициозни планови за развој.

Посетата на Трамп ќе опфати и регионална политика, иако неговите цели на тој фронт се многу помалку јасни.

Арапските влади не се сигурни дали Трамп ќе побара од нив да се подготват за војна или за мир со Иран.


Фактот дека Трамп го отпушти Мајкл Волц од функцијата советник за национална безбедност во Белата куќа непосредно пред оваа посета е симболичен.

Волц беше во тесна координација со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху околу плановите за воена акција против Иран и промовираше агресивен воен пристап кон Хутите во Јемен.

Лидерите од Заливот се прашуваат дали отстранувањето на Волц претставува промена во политиката на САД или е само симптом на хаосот во администрацијата.

„Форин Аферс“ наведува дека најкритичното прашање е, секако, Иран.

Кога Трамп ја посети Саудиска Арабија во 2017 година, и кралството и ОАЕ сакаа да ги отфрлат дипломатските напори од ерата на демократскиот претседател Барак Обама и да усвојат конфронтациски пристап кон Исламската Република.

Но, нивните ставови оттогаш се променија.


Додека Израел сè уште се чини дека со нетрпение очекува САД да го нападнат Иран, земјите од Заливот се појавуваат како антивоен тим.

Во последните неколку години, Ријад започна тивко зближување со Иран со посредство на Кина, обидувајќи се да спречи ескалација во регионот преку дипломатија.

Лидерите на земјите од Заливот се воодушевени од неуспесите на Иран во конфликтот со Израел – особено од уништувањето на Хезболах, екстремистичката организација поддржана од Техеран, сега сведена на ништо повеќе од политичка партија во Либан – и не би пролеале ни солза ако сегашната иранска влада падне.

Но, за разлика од Израел тие се помалку склони кон мислењето дека нивните интереси би биле задоволени со пренесување на војната во Иран.

„Форин Аферс“ проценува дека ако Трамп отпочне војна со Иран, земјите од Заливот ќе сакаат да добијат надомест за согласноста да застанат на страната на Америка, евентуално барајќи сериозни стратешки гаранции – како што е формален договор за одбрана, како што им понуди администрацијата на Бајден на Саудијците, како и продажба на оружје и други услуги.