Палестинската милитантна група Хамас го ослободи заложникот Едан Александер, кој има двојно израелско-американско државјанство, а ослободувањето се случи околу 18:30 часот по локално време.
Хамас соопшти дека тој веќе бил предаден на Црвениот крст, пренесе Би-би-си.
Американскиот претседател Доналд Трамп претходно ја потврди веста за ослободувањето на Александер. „Среќен сум што можам да објавам дека Едан Александер, американски државјанин кој беше заложник од октомври 2023 година, се враќа дома кај своето семејство. Благодарен сум им на сите што учествуваа во реализацијата на оваа монументална вест. Ова беше чекор направен во добра волја кон Соединетите Американски Држави и напорите на медијаторите – Катар и Египет – да се стави крај на оваа навистина брутална војна и да се вратат сите живи заложници и посмртните останки на нивните најблиски“ – изјави денес Трамп во објава на социјалната мрежа „Truth Social“.
Тој додаде дека „се надева дека ова е првиот од последните чекори“ неопходни за да се стави крај на бруталниот конфликт меѓу Израел и Хамас.
„Гест на добра волја кон Трамп“
Израел не бил однапред информиран за ослободувањето на заложникот, а палестинската милитантна група се согласила на потегот како гест на добра волја кон американскиот претседател, пред неговото патување во регионот на Блискиот Исток, надевајќи се дека тој за возврат ќе го убеди Израел да потпише договор за ослободување на преостанатите заложници во замена за крај на војната, потврдија за „Тајмс оф Израел“ американски и палестински функционер, како и трет извор запознаен со ситуацијата.
Специјалниот претставник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф, во недела попладне ги повикал родителите на Александер, Јаел и Ади, за да им ја соопшти добрата вест, изјави американскиот функционер.
Родителите на Едан пристигнале во Израел
Родителите на Александер пристигнале во Израел со американскиот пратеник за заложници, Адам Белер, за да присуствуваат на ослободувањето на Александер.
Александер, двојниот државјанин, кој пораснал во Њу Џерси, служел во израелските одбранбени сили (ИДФ) за време на киднапирањето, а бил киднапиран од неговата база за време на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, со кој започна војната во Газа.
Во соопштението, Хамас наведува дека одлуката за ослободување на Александер е донесена по неодамнешните разговори со американски претставници и „засилените напори за постигнување прекин на огнот, отворање на граничните премини и овозможување хуманитарната помош да влезе во Појасот Газа“.
„Израел не бил информиран сè додека не бил постигнат договор со Хамас“
САД не го информирале Израел за напорите за ослободување на Александер сè додека не бил постигнат договор со Хамас, изјавил за „Тајмс оф Израел“, извор запознаен со деталите за неговото ослободување.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека САД го информирале Израел дека Хамас ќе го ослободи Александер „без никаква компензација или услови“ и како гест на добра волја кон САД.
Нетанјаху додаде дека Израел не се обврзал на никаков прекин на огнот или ослободување на затвореници со Хамас, туку само на безбеден коридор што би овозможил ослободување на израелско-американскиот заложник Едан Александер, соопшти денеска канцеларијата на Нетанјаху.