Би можело да ве изненади која песна на Јутјуб каналот на Евросонг има најмногу прегледи во историјата.
„Little Big“ и песната „Uno“ со дури 294 милиони прегледи е најпопуларниот евровизиски хит на Јутјуб. Во ера кога броевите на Јутјуб и Спотифај повеќе го одредуваат комерцијалниот потенцијал на песната отколку победата на сцената, Евросонг 2020 остави едно необично наследство.
Имено, највиралната песна на Евровизија никогаш не била изведена во живо. Без публика, светла на сцената и аплауз, песната со која Русија се натпреваруваше на Евровизија 2020 година е најуспешната песна во историјата на Евровизија по бројот на прегледи.
Никогаш не е изведена во живо
Иако песната „Uno“ не била изведена во живо на сцената на Евросонг поради откажувањето на натпреварот, таа беше официјално претставена како руски избор за 2020 година и имаше придружно музичко видео. Пандемијата COVID-19 доведе до откажување на Изборот за песна на Евровизија таа година, а ниту една земја не настапи во живо на сцената во Ротердам. Како и да е, натпреварувачките песни беа објавени на интернет, а „Uno“ стана глобален феномен.
Претекна и некои од најпознатите победници
Со повеќе од 294 милиони прегледи, „Uno“ далеку ги надминува дури и победниците од претходните години. На второ место меѓу најгледаните евровизиски песни на Јутјуб е песната „Toy“, со која Нета го претставуваше Израел во 2018 година, а прегледана е 176 милиони пати.
На трето место со 111 милиони прегледи е песната „Zitti E Buoni“ на италијанскиот бенд „Måneskin“, кој победи на Евровизија 2021 година, додека на четврто место е песната „Fairytale“ на норвешкиот претставник Александар Рибак со 102 милиони прегледи, а на петтото место со 75 милиони прегледи е песната „Satellite“ на германската претставничка Лена на Евросонгот во 2010 година.
Инаку, тоа беше претпоследната руска песна на Евровизија пред руската инвазија на Украина. Во 2021 година, Русија беше претставена од Манижа со феминистичката песна „Руска жена“. Од 2022 година, Русија повеќе не е дел од Изборот за песна на Евровизија.