Песната на Томи Кеш „Еспресо макијато“ , со која ќе ја претставува својата земја на Евровизија, брзо стана вистинска сензација на интернет, по што многу луѓе уште од самиот почеток направија видеа и скечеви кои ги преплавија социјалните мрежи.
Заразната мелодија, типична за евровизиските песни, како и нејзиниот текст, ги вознемирија Италијанците кои беа многу гласни во коментарите за самата песна.
Имено, Италијанците не беа задоволни од овој избор на песна од очигледни причини, тие го сметаат еспресото за свое национално богатство.
„Естонската песна на Евровизија ја навредува нашата култура“
Потпретседателот на италијанскиот Сенат, Џан Марко Сентинајо, побара на Естонија да ѝ се забрани учество на Евровизискиот натпревар, велејќи дека песната е „полна со клишеа“ што ги навредуваат Италијанците.
„Секој што ја навредува Италија мора да биде исклучен од Евровизија“, напиша Сентинајо од крајно десничарската партија Лига во објава на Инстаграм.
„Треба да дојде во Италија за да види како работат пристојните луѓе пред да си дозволи да пишува толку глупави песни полни со клишеа“, рече тој.
Покрај тоа, италијанската организација за права на потрошувачите „Кодаконс“ поднесе жалба до Европската радиодифузна унија (ЕБУ), прашувајќи дали е „соодветно да се дозволи песна што навредува една земја и цела заедница“ да биде дел од натпреварот.
„Без оглед на слободата на уметничко изразување што мора да ги карактеризира настани како Евровизија, не можеме а да не ги изразиме нашите сомнежи за вклучувањето на песна што е навредлива за голем број луѓе во натпревар што го гледаат милиони гледачи низ целиот свет“, се вели во соопштението на „Кодаконс“.