Џанлуиџи Буфон веќе неколку години е во фудбалска пензија и тоа по извонредната кариера во која освои многу трофеи, титули од кои најважната е онаа со Италија во 2006 година кога стана светски шампион.
Италија во тоа финале ја совлада Франција на пенали, финале кое ќе остане запаметено по потегот на легендарниот Зинедин Зидан кој падна на провокациите на Матео Матераци и со глава го „нокаутираше“ дефанзивецот.
Тогаш немаше ВАР технологија и судиите мораа тоа да го забележат на теренот. Буфон имал најдобра слика на ситуацијата и посочува дека токму тој бил ВАР во моментот.
- Во тој момент, јас бев ВАР, - се пошегувал Буфон во разговорот со новинарите на промоцијата на неговата нова книга.
- Мојата реакција и моето трчање кон местото каде што се случи тоа им овозможија на судиите да сфатат што се случило. Секако, тие никогаш нема да го признаат тоа, но го видоа тоа на телевизиските монитори. Јас бев единствениот што виде сè што се случи во реално време, - вели Џиџи.