Џенаро Гатузо ќе го предводи Хајдук за последен пат на натпреварот во Пољуд во недела. Дербито против Риека ќе биде негово збогување со сплитската публика, а натпреварот од последното коло, кој Хајдук ќе го игра во Шибеник, ќе биде негово збогување со клупата на сплитскиот тим.
Италијанскиот стручњак има договор за уште една година, но нема да го доврши и ќе го напушти клубот без отпремнина, објави „Индекс“ повикувајќи се на свои извори.
Гатузо одамна одлучи да си замине, дури и по победата од 1:0 во Копривница во натпреварот од 28. коло. Тогаш, Хајдук беше во многу подобра ситуација отколку денес, кога од третото место на табелата, може само да се надева на чудо што ќе им ја донесе титулата.
Доколку Динамо не попушти на утрешниот натпревар против Локомотив на „Максимир“, таа шанса повеќе нема да постои. Последната титула Хајдук ја освои во сезоната 2004/05.
Гатузо ќе го напушти Сплит без обештетување со спогодбен раскин на договорот. Во оваа сезона, Хајдук го водеше во 41 натпревар со сооднос од 18 победи, 14 нерешени и девет порази.