„Не веруваме дека роботите ќе ги направат луѓето невработени, туку дека ќе ја зголемат ефикасноста или ќе преземат задачи кои луѓето не сакаат да ги извршуваат.“
Кинеските хуманоидни роботи нема да ги заменат човечките работници ниту ќе предизвикаат масовна невработеност, изјави претставник на технолошкиот центар во Пекинг, додека секторот за роботика во Кина доживува забрзан раст благодарение на зголемената државна поддршка.
Лијанг Лијанг, заменик-директор во Пекингшката зона за економски и технолошки развој — еден од најголемите кинески технолошки хабови — во петокот за странски медиуми изјави дека не верува оти хуманоидните роботи ќе ги заменат своите човечки творци, туку дека ќе ја зголемат продуктивноста и ќе работат во опасни средини.
„Не веруваме дека роботите ќе предизвикаат невработеност, туку дека ќе ја подобрат ефикасноста или ќе ги преземат задачите кои луѓето не сакаат да ги работат — како на пример истражување на вселената или океанските длабочини, каде човекот не може да пристапи. Машините можат да ни помогнат токму во тоа истражување“, вели Лијанг.
Насоката на идниот развој
„Кога е ноќ и на луѓето им е потребен одмор, машините можат да продолжат со работа, обезбедувајќи подобри, поевтини и поедноставни производи. Затоа ова го гледаме како иднина за нашиот развој“, додаде тој.
Лијанг објасни дека првиот светски полумаратон за роботи, кој се одржа минатиот месец во Пекинг, бил намерно осмислен за да ја истакне неговата и надежта на другите претставници дека овие хуманоиди ќе бидат поддршка и помош за луѓето, а не нивна замена.
Полумаратонот се состоел од две паралелни патеки одвоени со ограда — на едната луѓе се натпреварувале едни против други, а на другата 20 тимови управувале со роботи кои значително се разликувале по големина и способности.
„Во маратоните, луѓето имаат своја патека каде ги тестираат физичките граници, а машините имаат своја патека каде заеднички ги поместуваат технолошките граници — но не се обидуваат да ја преминат човечката патека за да стигнат први до целта. Таква ќе биде и иднината“, заклучи Лијанг.