Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пред новинарите ја коментираше средбата со првиот човек на Европскиот совет, Антонио Кошта, бугарското вето, барањата за почеток на преговорите со ЕУ и протоколите.
„Со Кошта разговарав како политичар со политичар, но и како правник со правник. Тој рече дека целосено се согласува со моите правни аргументи, но таква е постапката. Дири и со нашиот предлог кој го оцени како извонреден за одложено правно дејство, настапил пред бугарските политичари, но не го прифатиле“, рече Сиљановска.
Најави и дека ќе разговара со бугарскиот претседател, Румен Радев, а рече и дека земји-членки на ЕУ се нудат за медијација, меѓу кои и Австрија.
„Одговорно тврдам дека и да барате една држава да го смени Уставот е проблематично, низ призма на темелните вредности и принципи на ЕУ, дека таму има одредба дека ќе ги почитува уставните и политичките структури, или националниот и културниот идентитет. Има нова власта во Бугарија, и можеме да разговараме. И ОК се нуди за разговори“, рече Давкова.
Во врска со преговарачката рамка, Давкова рече дека на протоколите, односно записниците, не им е местото таму.
„Замислете, извор на уставно право, протокол или записник. И еве да искористам приликата, јас воопшто не реков дека заклучоците, рамката ја потпишал поранешниот министер, Бујар Османи. Тоа не е наш акт, Советот, но реков дека потпишал протокол. А во протоколите се преземени обврски. Надворешната политила ја креира Собранието, вториот човек е претседателот. Затоа реков дека таков документ кој создава обврски за нас, не може некој сам да одлучи да го прифати и потпише. Затоа низ призма на законот за надворешни работи, потребно е да се разговара, консултира Собранието. Ние дури и при гласањето за рамката ја немавме рамката добиено, туку имавме заклучоци за рамката. Како да одлучите за таква важна работа?“, праша Сиљановска.
Заклучи дека ова е големо предупредување за сите во иднина, да внимаваат пред да потпишуваат нешто и да не се заборават клучните акти во Собранието.
„Да научиме лекција дека за некои важни работи однапред треба да ги разгледаме последиците. Да одиме во пресрет на укинувањето на ветото. Не можеме да бидеме колатерална штета на ваквиот процес на одлучување“, рече Давкова, коментирајќи дека тоа е како да укинувате смртна казна, а викате ајде уште овој да го егзекутираме.