Николовски се пофали дека Царината за пет месеци сработила колку за три години, но спореди со периодот од 2020 до 2022 година

Макфакс

20/05/2025

14:10

189

Големина на фонт

а а а

Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, се пофали дека со засилени контроли за неполни пет месеци сработиле колку што претходно се завршувало во период од три години, но за споредба го избра периодот од 2020 до 2022 година кога границите се затвораа и се пропуштаа само возила што пренесуваа лекови и храна.

„Царинската управа со засилени контроли постигна рекордни резултати годинава. За неполни пет месеци, поднесени се 85 кривични пријави, што е еднакво на вкупниот број пријави поднесени во тригодишен период од 2020 до 2022 година“, рече директорот Николовски.

Царинската управа изминативе месеци работела на сузбивање на долгогодишните криминали со употребувани возила, на злоупотребите и на царинските измами со увоз на храна за избегнување на плаќањето давачки и за сите се поднесени соодветни пријави.

„Годинава, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и до Основното јавно обвинителство одделението за истраги при секторот за контрола и истраги поднесе 41 кривична пријава против 32 правни и 118 физички лица за сторени кривични дела со 140 возила. Директната штета нанесена на буџетот на Македонија со избегнување плаќање давачки изнесува 14,7 милиони денари или 239 илјади евра“, рече директорот Николовски и појасни дека измамата ја направила организирана мрежа од царински службеници, шпедитери, нотар и полициски службеник.

Откриле „мерцедес“ увезен во јули 2024 година, а прикажан како штотуку увезен, со лажно завршена царинска постапка и форензички докажано фалсификувани потпис и печат на фирма што воопшто не била поврзана со увозот на возилото. За овој случај кривични пријави се поднесени против деветмина.

Во друг случај откриле дека увозник, со помош на царински застапник, во период од 2022 до 2024 година увезувал автомобили и за нив употребувал лажни податоци за да не ги плати давачките кон државата во износ од 1,6 милион денари. На тој начин успеал да увезе вкупно 34 автомобили.

„Станува збор за 34 автомобили, со вкупна вредност 145.251 евро, при што осомничените при царинење автомобили ги декларирале како моторни возила за превоз на стока за да избегнат плаќање данок на моторни возила. За овој случај дополнително се наплатени 1,6 милион денари и се поднесени кривични пријави против две правни и две физички лица“, извести директорот Николовски.

Откриле и пет случаи во кои увозници на месо го тарифирале месото со пониски каматни стапки за да не платат 1 милиони денари или 178,9 илјади евра. Парите се наплатени, а против сторителите се поднесени соодветни пријави.

Директорот рече и дека на граничниот премин Пелинце, каде што со години немало записник за царински прекршок кој завршил со кривична пријава, спречен е обид за шверцување на злато и сребро во вредност од 2,4 милиона денари или 39 илјади евра.