[ВИДЕО] Нов живот за легендарната "Буба"

Супермен

21/05/2025

12:59

489

Големина на фонт

а а а

Иако ретро стилот повторно е во мода, од "Volkswagen" не размислуваат за враќање на легендарната "Буба". Но, постојат ентузијасти кои се подготвени да ги претворат соништата во реалност – дури и оние поврзани со теренската верзија на Бубата, позната како "Baja Bug", евтина офроуд-преработка која се појавила кон крајот на 60-тите години во Калифорнија.

Сега оваа идеја ја оживува "Twisted", британска тјунерска куќа позната по сериозни модификации на оригиналниот "Land Rover Defender", но и по проекти базирани на малиот "Suzuki Jimny".


"TBug": Буба за авантуристи

"Twisted" го претставува "TBug" – ретро преработка што се одликува со сериозни модификации, но со една главна цел: чисто уживање во возењето. Секое возило е уникат, а првиот примерок ќе биде официјално прикажан до крајот на месецот.


Како се создава "TBug"?

"Twisted" започнува со класична Буба произведена некаде меѓу 60-тите и 80-тите години, која потоа се опремува со суспензија со голем од, теренски гуми "BF Goodrich", зајакната шасија и подобрени сопирачки за подобра контрола. Специјалистите го дуплираат и моторот, носејќи ја моќта до нешто под 80 коњски сили. Иако бројката не звучи импресивно, возилото е многу лесно, а офроуд перформансите се во преден план – не брзината на асфалт.

Има и модерни додатоци – "LED" светла, внимателно вклопени во автентичниот ретро дизајн што "Twisted" го негува. Стилот е веднаш препознатлив, но предниот дел е редизајниран од темел. Од компанијата велат дека сакале да ја доловат „искрената едноставност на оригиналните "Baja Bug"“. И во тоа без сомнение успеале.


Секој "TBug" е приказна за себе

Секој примерок на "TBug" се изработува според желбите на купувачот – од опрема и боја, до финалната обработка – така што нема два исти автомобили. Со оглед на тоа што "VW" нема планови да ја врати Бубата, ова можеби е најдоброто и најавтентично доживување на тој иконски автомобил во 2025 година.

Доволно е само да си замислите како возите низ песочна плажа во ваква машина. А за подобро чувство – погледнете го видеото.


Спонзорирани линкови

Маркетинг
назад до tocka.com.mk