"Toyota Crown Sedan" доби две специјални изданија на јапонскиот пазар, со уникатни дизајнерски решенија кои ја нагласуваат еволуцијата и престижот на моделот.
Првото издание го слави 70-годишниот јубилеј на "Crown" со двобојна каросерија и комеморативни ознаки, додека второто се одликува со нијансата „Matte Metal“, која веќе беше користена кај моделите "Crown Crossover" и "Crown Sport".
Оваа четиривратна лимузина останува водечки модел во понудата на "Toyota", седум децении по дебито на оригиналот во 1955 година. За да го одбележи овој значаен јубилеј, "Toyota" го лансираше "Crown Special Edition Z" „The 70th“, кој ќе биде ексклузивно достапен во Јапонија.
Специјалната едиција за годишнината се истакнува со нијансата „Precious Metal“ на горниот дел од каросеријата, комбинирана со „Precious White Pearl“ или „Precious Black Pearl“ на долниот дел. Ваквата двобојна екстериерна комбинација ѝ дава на "Crown" изглед сличен на "Maybach" или "Rolls-Royce", но по значително подостапна цена.
Јубилејното лого со амблемот на "Crown" е ласерски гравирано на инструмент-таблата, како и на менувачот кој изгледа како скапоцен камен. Дополнително, внатрешноста во „Black Lustre“ завршница, со елегантни вметнувања од дрво, го одржува луксузниот и префинет изглед на автомобилот.
Покрај ова, "Toyota" го најави и "Crown Special Edition Z Limited Matte Metal", кој се одликува со темносива мат боја и специјална површинска обработка која го прави лесен за одржување. Двата специјални изданија, како и остатокот од Crown линијата, се достапни со две погонски опции:
• 2.5-литарски самополначки хибрид, и
• "FCEV" погон на водород (преземен од моделот Mirai).
"Crown Special Edition Z" „The 70th“ започнува од 52.700 долари за хибридната верзија, односно 59.700 долари за водородната (FCEV). "Matte Metal" варијантата е уште поскапа – 56.500 долари за хибрид, односно 63.500 долари за "FCEV".