"BMW" во Италија го претстави изгледот на новиот "M2 CS", а од денес се познати и сите технички спецификации на оваа специјална изведба.
Новата верзија "M2 CS" е базирана на втората генерација на моделот "BMW M2", но значително ги унапредува веќе импресивните перформанси. Срцето на возилото е унапредениот 3,0-литарски шестцилиндарски мотор со „M TwinPower Turbo“ технологија кој развива моќни 530 коњски сили (390 kW), што е за 50 коњски сили повеќе од стандардниот модел "M2". Максималниот вртежен момент е зголемен за 50 Nm и изнесува 650 Nm, достапен во широк опсег од 2.650 до 5.730 вртежи во минута.
Екстремен во секоја категорија
Благодарение на зголемената моќност и намалената тежина за 30 килограми, "BMW M2 CS" забрзува од 0 до 100 km/h за само 3,8 секунди, што е за 0,2 секунди побрзо од стандардниот модел. Максималната брзина е електронски ограничена на 302 km/h. Намалувањето на тежината е постигнато со паметна употреба на лесни материјали, меѓу кои бројни компоненти изработени од јаглеродни влакна и стандардни ковани алуминиумски бандажи.
Производство во Мексико
Моторот ја испорачува силата на задните тркала преку осумстепен автоматски менувач „M Steptronic“ со „Drivelogic“ систем. Возилото стандардно доаѓа со „M Driver’s Package“, а за љубителите на спортскиот звук достапен е и „M Performance“ ауспух со завршетоци од јаглерод и титан.
"BMW M2 CS" ќе се произведува во ограничена серија во фабриката на "BMW Group Plant San Luis Potosí" во Мексико. Главните пазари ќе бидат САД, Германија и Кина, а продажбата започнува кон крајот на летото 2025 година. Во Германија, цената ќе изнесува 115.000 евра.