Пресуда за еден од најголемите скандали во автомобилската индустрија: Поранешни шефови на "Volkswagen" одат во затвор

Точка

26/05/2025

21:21

1.858

Големина на фонт

а а а

Германскиот Покраински суд во Брауншвајг донесе пресуда во еден од главните судски процеси поврзани со познатиот скандал „Дизелгејт“.

Судот прогласи за виновни четворица поранешни високи раководители на "Volkswagen" за организирана измама. Двајца обвинети добија повеќегодишни затворски казни, додека другите двајца добија условни казни, јавува магазинот "Fenix".


Процесот, кој траеше речиси четири години, е завршен со оваа пресуда, иако странките имаат право на жалба. Обвинетите и натаму тврдат дека се невини и дека се искористени како „жртвени јарци“, додека обвинителството истакнува дека доказите за манипулација при тестирањата на емисиите кај дизел-возилата се убедливи и цврсти.


Скандалот изби во јавноста во 2015 година, кога беше откриено дека "Volkswagen" намерно манипулирал со тестовите за емисии на штетни гасови кај дизел-возилата. Скандалот доведе до оставка на тогашниот директор Мартин Винтеркорн, а компанијата ја чинеше над 33 милијарди евра во казни и оштети, сериозно нарушувајќи го угледот на германската автомобилска индустрија.


Иако Винтеркорн требаше да биде дел од овој процес, неговото судење беше одвоено поради здравствени проблеми. Сега, 78-годишниот поранешен директор ја негира секоја лична одговорност во своето сведочење. Во моментов, неговиот процес е прекинат поради болничко лекување по несреќа.


Судот во Брауншвајг има во план уште четири големи судски процеси поврзани со овој скандал, во кои се обвинети вкупно 31 лице. Тоа јасно покажува дека судските постапки за една од најголемите измами во историјата на автомобилската индустрија се далеку од завршени.