Жозе Мурињо се пошегува дека бил „загрижен“ што Интер оваа сезона може да ја освои тројната круна, па објасни зошто не сакал Симоне Инѕаги и неговите играчи да стигнат до трите големи трофеи во сезоната 2024/25.
Португалецот и понатаму останува последниот тренер што ја освоил Лигата на шампионите со италијански клуб – во сезоната 2009/10, кога со Интер на „Сантијаго Бернабеу“ го победи Баерн Минхен во финалето.
Воедно е и единствениот тренер што освоил „триплета“ со италијански клуб – Серија А, Копа Италија и Лига на шампиони – па затоа, во разговор за „Sky Sports“, во шега рече дека не сакал Интер да го повтори тој успех.
Сега, кога титулата во Италија замина кај Наполи, а Купот го освои Болоња, Мурињо им посакува успех на Интер во финалето од Лигата на шампионите.
Дополнително, изјави дека би бил среќен и ако трофејот го освои ПСЖ под водство на Луис Енрике, поради одличната работа што Шпанецот ја направил во Париз.
„Ќе бидам многу лош, но и многу искрен. Бев загрижен дека Интер може да освои „триплета“, а тоа не го сакав“, тројната круна е моја – изјави Мурињо.
„Но сега, кога ги загубија првенството и Купот, би сакал да ја освојат Лигата на шампионите. Сепак, Луис Енрике прави фантастична работа во Париз. Ја трансформираше екипата – го загубија, да речеме, најдобриот играч, но повторно сè изградија на феноменален начин. Така што, ако Луис победи, ќе бидам среќен и за него“, заклучи Жозе Мурињо.