Италијанците известуваат за пресврт: Конте се премислува поради ветувањето кое го добил од Де Лаурентис

Дерби

29/05/2025

12:58

1.218

Големина на фонт

а а а

Антонио Конте уште еднаш покажа дека е сериски победник кој секогаш го извлекува најдоброто од тимот, па иако добар дел од италијанската јавност го пресели во Јувентус по четвртото Скудето кое го осигура за Наполи, последните вести од Италија одат во сосема друг правец.

Неколку угледни италијански извори обелоденуваат дека последните 24 часа донеле голем пресврт во размислувањата на Конте, кој по ветувањето и подобрениот финансиски договор кој го добил од Де Лаурентис, полека почнал да се премислува од одлуката која се чинеше дека ја има донесено.

На сето ова се надополнува и резервираноста на Јувентус кој се уште нема донесено конечна одлука што ќе прави со Игор Тудор, па „Кориере дело Спорт“ и „Газета дело Спорт“ сега информираат дека Конте е поблиску до останување отколку заминување од Неапол.

На одржаниот заеднички состанок со Де Лаурентис, Конте добил понуда за подобрени финансиски услови во неговиот договор, но и гаранција дека ќе бидат инвестирани 200 милиони евра за подобрување на тимот, што всушност е пресудно за амбициите кои ги има Антонио.

Кевин Де Брујне и Џонатан Дејвид се потенцијални први засилувања кои веќе ги има договорено Наполи, меѓутоа целта на Де Лаурентис е да ги испочитува барањата на тренерот и да се влезе со огромни амбиции во сезоната во која ќе се игра на три фронта.

Последната вест е дека Конте конечната одлука за својата иднина ќе ја донесе до петок, а во меѓувреме, Наполи ги има стопирано преговорите со Макс Алегри кој се најавуваше како негова замена.