Фестивалите на улична храна одамна станаа дел од урбаната културна сцена во светските метрополи. Речиси секој главен град има свој препознатлив street food фестивал кој го спојува вкусното со забавното – и го прави градот пожив и повпечатлив. И Скопје одамна го следи овој тренд.
Во 2023 и 2024 година, „Skopje Street Food Festival“ се одржа на паркингот кај Театар Комедија и собра над 40.000 посетители. На фестивалот учествуваа 25 стрит фуд ресторани што понудија богата палета од домашни и интернационални вкусови – од класични до сосема неочекувани гастро-креации.
Како продолжение на таа успешна приказна, минатата година се појави и нов гастро-настан – „BURGEROLOGY“кој се одржа на зелената површина пред ГТЦ. Првиот обид беше повеќе од успешен – одлична посетеност, одлични бургери, урбана атмосфера и голем интерес за продолжение.
Токму затоа, оваа 2025 година „BURGEROLOGY“ добива нова локација – општина Кисела Вода. Со идеја фестивалот да се шири и во другите делови на градот и да влијае на културниот и економски развој локално, организаторите решија да ја донесат гурманската магија и забавата токму тука.
Настанот ќе понуди многу повеќе од само бургери – иако тие ќе бидат главните ѕвезди. Ќе има храна подготвена на уникатни начини, инспирирана од различни кујни и култури, а ќе учествуваат мали локални ресторани и бистроа кои ќе имаат можност за самопромоција, вмрежување и размена на искуства.
А за атмосферата да биде комплетна, „BURGEROLOGY 2025“ ќе има и богата музичка програма. За добрата журка ќе се погрижат Гоце и Чваре, Диџеј Мац и Саутпарк, кои ќе настапуваат во текот на фестивалот и ќе ја претворат Кисела Вода во вистинска летна open-air сцена.
Организаторите велат дека целта е Скопје да се вброи на мапата на ваквите глобални настани – фестивали што ја негуваат урбаната култура, поддржуваат мали бизниси и создаваат простор за заеднички вкусови, музика и искуства. А „BURGEROLOGY“ е токму тоа – настан од јавен интерес, создаден за сите сетила.