Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го отвори координацискиот состанок на Платформата за праведна енергетска транзиција – JETIP, истакнувајќи ја цврстата посветеност на Владата за спроведување на фер и инклузивна енергетска транзиција во земјата.
„Оваа платформа не е само алатка за координација на инвестиции – таа е клучниот столб на нашата национална визија за постепено напуштање на јагленот до 2030 година, интензивирање на обновливите извори на енергија и осигурување дека никој нема да биде изоставен од транзицијата“, изјави Божиновска на отворањето.
Божиновска посочи дека со донесувањето на новиот Закон за енергетика и интензивната работа на Националниот план за енергија и клима (NECP), земјата воспоставува јасна и интегрирана рамка за реализација на целите во пет клучни области: декарбонизација, енергетска ефикасност, безбедност на снабдување, интерен енергетски пазар и иновации. Вториот нацрт на NECP се очекува до средината на јуни.
„JETIP е ветување – до работниците, до нашите заедници и до идните генерации. Тоа е модел како треба да изгледа вистинската меѓународна соработка, кога локалните приоритети се усогласуваат со глобалните амбиции“, нагласи Божиновска.
Посебен акцент беше ставен на приклучувањето на Француската агенција за развој (AFD), како нов партнер во рамки на платформата, што ја потврдува сè поголемата доверба на меѓународните актери во процесот што го води Македонија.
На состанокот, министеркатаупати јасен повик до меѓународната заедница: „Времето за поддршка и инвестирање е сега. Ги поканувам сите партнери да се приклучаt, да инвестираат, да иновираат и да стојат со нас додека градиме одржлива, сигурна и праведна енергетска иднина за сите.“
На маргините на состанокот, беше најавено и донесување на подзаконските акти што ќе произлезат од новиот Закон за енергетика, со што ќе се овозможи целосна имплементација на новата регулаторна рамка.