Во морето од апликации кои ги инсталираме на нашите паметни телефони, често се случува да заборавиме на некои од нив … Но, некои од тие апликации може да бидат сериозна закана – во продолжение дознајте за што точно станува збор и што треба да направите.
Со милиони апликации достапни на официјалните продавници, не е изненадување што понекогаш инсталираме нешто и подоцна го забораваме.
Сепак, токму меѓу тие „заборавени“ апликации може да се крие опасност – апликации кои ги изложуваат вашите лични и финансиски податоци на хакери, пишува "N1. hr".
Опасни апликации
Компанијата за сајбер безбедност "Cyble" објави извештај во кој предупредува на збирка апликации што може да се преземат од "Google Play Store", а чија единствена цел е да измамат корисници и да им украдат пари.
Како што се наведува, овие апликации имитираат имиња и икони на легитимни дигитални паричници, па корисниците често ги инсталираат без двоумење. По инсталирањето и отворањето, апликацијата прикажува лажна веб-страница во рамките на апликацијата, претставувајќи ја како официјална страница на дигитален паричник, барајќи ги таканаречените мнемонички фрази – кои понатаму се користат за испразнување на паричниците.
"Cyble" открил повеќе од 20 апликации што се претставувале како легитимни апликации поврзани со популарни криптовалути. Меѓу нив се "SushiSwap", "PancakeSwap", "Raydium" и "Hyperliquid", како и "Suiet Wallet", "BullX Crypto", "OpenOcean Exchange", "Meteora Exchange" и "Harvest Finance Blog".
Проблемот е што во "Google Play Store" се појавиле апликации со исти имиња, но различни ознаки на пакети, па за точно да се утврди која е лажна, потребно е детално да се провери официјалната листа.
"Cyble" истакнува дека апликациите изгледа како да се развиени од различни програмери, но сите имаат многу слични модели на однесување. Тие предупредуваат дека станува збор за таканаречени фишинг апликации кои користат техники за „кражба на идентитет“ и „празнење на крипто-сметки“.
Она што оваа кампања ја прави особено опасна е користењето на наизглед легитимни апликации во комбинација со широка "фишинг" инфраструктура, поврзана со над 50 домени. Тоа не само што го проширува досегот на кампањата, туку и ја намалува можноста за брзо откривање од страна на традиционалните безбедносни системи, предупредува "Cyble", пренесува "Dnevnik.hr".
Компанијата го информирала "Google" за своите откритија, и започнат е процес на отстранување на штетните апликации – но тоа може да потрае. Затоа се советуваат сите корисници веднаш да проверат дали некоја од наведените апликации се наоѓа на нивниот телефон и да ја избришат. Дополнително, се препорачува да се провери дали е активирана функцијата "Google Play Protect".