Меџити во Украина: Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната

Макфакс

11/06/2025

20:57

261

Големина на фонт

а а а

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија, Изет Меџити, денес учествуваше на Самитот „Украина – Југоисточна Европа“ што се одржа во Одеса, Украина.

Самитот, кој беше отворен од претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претставува продолжение на претходните средби одржани во Атина, Тирана и Дубровник, со учество на високи претставници од земјите на Југоисточна Европа. Главната цел на самитот е поддршка за Украина и зајакнување на регионалната соработка и безбедноста.

Во своето обраќање, вицепремиерот Меџити изрази благодарност за гостопримството на украинските власти и ја реафирмираше непоколебливата поддршка од страна на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

„Обединети сме пред предизвиците кои го загрозуваат мирот, безбедноста и меѓународниот поредок. Силно ја осудуваме руската агресија и бараме итно запирање на војната“, – истакна тој.

Вицепремиерот Меџити ја нагласи и посветеноста на земјата за продлабочена регионална соработка и изградба на безбедна, мирољубива и демократска Европа.