Тони Крос веќе некое време дели комплименти за својот сонародник Ханси Флик и за начинот на кој ја трансформираше Барселона во шампионски тим, а сега во последниот поткаст кој го води со неговиот брат Феликс, легендарниот Германец направи една паралела за целосно различните сфаќања и филозофии во Каталонија и Мадрид.
Тема на разговор беше германската ригидност која ја применува Ханси во Барселона од самиот старт на својата етапа како тренер на каталонците, односно фактот што оваа сезона неколку фудбалери на Барсеа беа казнети со неиграње натпревари поради непрофесионалност и доцнење на тренинзите.
Крос открива дека оваа строгост е симбол за Ханси од времето во Баерн Минхен, но ако точноста сега максимално сериозно се сфаќа во Барселона, Тони дополнува дека ситуацијата никогаш не била таква во Реал Мадрид.
– Видовме дека оваа година со Ханси како тренер некои играчи останаа надвор од тимот поради тоа што задоцниле на тренинг, или на тимски состанок.
– Во Реал Мадрид се смееја на такви работи, многупати во Реал не се знаеше кој ќе пристигне подоцна, дали некој фудбалер, или тренерот. Тоа е сосема различен менталитет од оној на Ханси Флик.
– Не знам која филозофија е подобра, но јасно е дека станува збор за сосема различни толкувања. Сигурно е само едно, онаа на Ханси Флик е типично германска филозофија, – вели Крос.