[ВИДЕО] ДААН со нов сингл: „НЕ МОЖАМ“ – емотивна приказна во модерен диско аранжман

Точка

12/06/2025

12:57

286

Големина на фонт

а а а

Дарко Андонов – ДААН, македонски артист, автор и музички продуцент, ја објави својата најнова песна „НЕ МОЖАМ“, дело кое успешно спојува длабока емоција со динамичен и модерен диско аранжман. Овој сингл претставува уште еден чекор во неговата авторска зрелост и препознатлив стил, кој го гради веќе неколку години.

„Песната е создадена пред околу една година, но објавувањето беше внимателно одложено со цел да добие и видео запис кој дополнително ќе ја долови приказната и атмосферата на оваа песна“, ни потенцира ДААН.

„НЕ МОЖАМ“ настана спонтано, инспирацијата дојде од животни искуства и од она што сите ние го носиме во себе – приказната за љубов, болка и невозможноста да се заборави.

ДААН е артист кој не се плаши да зборува за чувствата – неговата музика е автентична, искрена и секогаш носи порака. Познат по комбинирањето на современа продукција со текстови што допираат, тој во „НЕ МОЖАМ“ ни нуди приказна за љубовна загуба, болка и копнеж, раскажана преку енергичен ритам инспириран од светската диско сцена.


Текстот, кој ја отсликува оваа емоционална приказна, е надополнет со аранжман од Кире Јакимов, кој исто така го направи миксингот и мастерингот. Песната е снимена во студиото на Андонов, DAAN MUSIC PRODUCTION (https://www.daan-music.com/).

„Сакав да направам песна што не е класична балада, иако зборува за емоции. Живееме во време кога болката честопати се крие зад насмевки, зад ритамот, зад движењето. ‘НЕ МОЖАМ’ е токму тоа – песна за сите што навидум се силни, но носат нешто тешко внатре“, вели Андонов.


Во видеото за „НЕ МОЖАМ“, објавено на 11 јуни, доминираат енергични и динамични сцени кои ја отсликуваат внатрешната борба помеѓу болката и желбата за надеж. Користени се визуелни симболи на копнеж, разделба и искрена емоција, кои го потенцираат конфликтот помеѓу љубовта и немоќта. Секој кадар е внимателно креиран за да ја пренесе пораката на песната – дека понекогаш не можеме да се откажеме од нешто што ни значи, и покрај тешкотиите што ги носи. За видеото беше задолжен Горазд Нелоски од NELOSKI PRODUCTION.


Како автор на музиката и текстот, Дарко Андонов уште еднаш ја покажува својата умешност да создаде содржина која има и уметничка тежина и комерцијален потенцијал.