Трамп никогаш не го прекинува повикот: Бизарните телефонски ритуали на американскиот претседател

Точка

12/06/2025

21:03

1.511

Големина на фонт

а а а

Откако претседателот Радерфорд Хејс го вовел телефон во Белата куќа во 1877 година, повикот од американски претседател се смета за важен. Кога телефонот ѕвони, посредникот (честопати советникот за национална безбедност) го замолува повикувачот да го „почека претседателот“. Веднаш по повикот, персоналот запишуваа белешки со детален опис на темата на разговор.

Дури и Барак Обама, првиот претседател од ерата на паметните телефони, сфатил дека мора да усвои поинаков начин на користење на телефонот за да се вклопи во обичаите на Белата куќа. Во своите телефонски навики, како и во многу други аспекти од неговиот мандат, Доналд Трамп одлучно прекинал со традицијата, пишува „The Telegraph“.


Стотици луѓе го имаат личниот број на Трамп

Тој го користи својот ајфон на ист начин како што го прави тоа во приватниот живот – постојано и без многу размислување за протоколот или безбедноста. Пријатели, познаници, светски лидери, новинари, голфери и луѓе што штотуку ги видел на телевизија, сите можат да добијат неочекуван повик од личниот телефонски број на Трамп.

Се верува дека стотици луѓе го имаат неговиот личен број, а познато е дека понекогаш прима повици од непознати броеви. Како резултат на тоа, уредите (Трамп наводно има најмалку два лични ајфони) станаа веројатно најважните предмети во светската политика, како и извор на загриженост за неговите противници и експерти за безбедност и извор на забава за неговите поддржувачи.


„Трамп нема никаков друг деловен живот освен оној преку телефон. Телефонот всушност е уште една платформа за него. Тој се јавува и ги искажува своите мисли. Всушност, не се јавува за да разговара со некого“, изјави Мајкл Волф, новинар кој напишал четири книги за мандатите на Трамп.

„Разговорот со него преку телефон е сосема бизарно искуство. Не можете да дојдете до збор. Има уште една интересна работа – тој е претседател на САД, а никогаш не ја спушта слушалката. Вие сте тие кои мора да го прекинете разговорот“, додаде Волф.

Опуштената комуникација на Трамп предизвика голема загриженост кај неговите советници за безбедност, кои стравуваат дека тој се изложува на напад од странска сила. Пред минатогодишните претседателски избори, Атлантик објави дека Кина добила можност да ги пресретнува разговорите на Трамп на неговиот личен телефон.

Дури и кинескиот хакерски напад не го загрижил

Додека другите учесници во неговата кампања ги смениле телефоните или се префрлиле на апликации со енкрипција, кинескиот хакерски напад не го вознемирил претседателот. Тој отсекогаш го користел својот телефон и нема намера да престане.

Покрај самото хакирање, експертите стравуваат дека рамнодушноста на Трамп кон безбедноста на телефонот може да доведе до други закани, вклучително и лажно претставување.


Американската агенција за национална безбедност (НСА) веројатно „полудува“, истакна проф. Алан Вудворд, експерт за сајбер безбедност на Универзитетот Сари: „Трамп има безброј начини за безбедно комуницирање, но тој го користи својот телефон. Вашиот телефон повеќе не е само телефон“, рече тој.

„Ако некој инсталира шпионски софтвер на уред, сите тие имаат микрофони и камери што можат да се вклучат од далечина. Замислете некој да е присутен во Овалната соба. Тие исто така можат да ја откријат локацијата на телефонот“, објасни Вудворд.

Ништо од ова не го поколеба Трамп. Додека претходните претседатели претежно остварувале или примале повици само од неколку добро познати броеви, Трамп со задоволство прима повици од различни контакти.

Голферот Ник Фалдо веќе со години разговара со Трамп

Британскиот голфер Ник Фалдо го откри обемот на неговата комуникација со Трамп во интервју за „The Telegraph“ во кое рече дека американскиот претседател му се јавувал по секој голем турнир во изминатата деценија за заедно да ги анализираат перформансите на играчите. Фалдо тврди дека може да го повика претседателот кога сака и дека тој секогаш одговара.

Британскиот новинар Пирс Морган е уште еден од оние кои примаат повиците од Трамп: „Во контакт сум со него околу 18 години. Трамп продолжи да го користи својот телефон. Тоа е дел од неговата дневна рутина. Ако му се допаѓате и сака да разговара, ќе ви се јави или ќе ви се јави ненајавено“, рече новинарот.


„Пред неколку месеци, ме повика додека бев во такси, ден откако Кир Стармер беше во Белата куќа, за да ме праша какви биле реакциите во Велика Британија. По 15 минути, реков: „Се гледаме наскоро, господине претседателе“ и ја спуштив слушалката. Таксистот беше во неверица“, раскажа Морган.

За Морган, тоа беше само демонстрација на директниот стил на Трамп што неговите поддржувачи го обожуваат, а неговите противници го презираат: „Тоа е она што го разликува Трамп од сите други здодевни, вкочанети, клише политичари. Трамп е различен, а луѓето го сакаат токму таков каков што е“, додаде тој.

„Тој дури и не знае од која земја е повикувачот“

Луѓе блиски до Трамп велат дека тој отсекогаш бил страстен корисник на телефон, дури и пред да влезе во политиката. Исто така тој беше и првиот претседател кој ја разбра моќта на објавите на социјалните медиуми во обликувањето на дневниот циклус на вести.


„Разговарав на телефон со него и тој само рече: „Морам да одам. Ми ѕвони некој од друга земја“, изјави еден надворешен советник за „Атлантик“. „Тој дури и не знае од која земја е повикувачот. Само ќе го погледне бројот и помислува: „Можеби тоа е странски лидер со кого сакам да разговарам“, додаде тој.

Претседателските комуникации еволуирале низ годините. Херберт Хувер (претседател на САД од 1929 до 1933 година) го следел Радерфорд Хејс со инсталирање телефон директно во Овалната соба. Обама бил решен да го задржи својот Блекбери, но бил принуден драстично да го ограничи својот именик.

Најавувајќи компромис по борбата со советниците на Обама, неговиот портпарол Роберт Гибс рече дека претседателот ќе го користи телефонот „на начин што ќе биде ограничен и со зголемена безбедност за да се обезбеди неговата способност за комуникација“.


Трамп не е единствениот светски лидер кој се соочува со критики за безбедноста на мобилните телефони. „Од безбедносни причини, треба да постои евиденција за интеракциите меѓу претседателот и другите луѓе“, рече Вудворд.

„Ако разговара со Путин, се води евиденција. Но, постои цела низа споредни разговори… Политичарите, како и сите други, мислат дека нивниот мобилен телефон е личен, приватен простор. Но, не е. Тоа е радио уред кој комуницира на различни начини и го прави тоа зад вашиот грб. Вие не знаете што друго се случува“, истакна Вудворд.

„Што да правиме? Да му го одземеме мобилниот телефон!?“

Администрацијата на Трамп веќе претрпе катастрофален безбедносен пропуст. Уредникот на „Атлантик“, Џеф Голдберг, бил погрешно додаден во група на апликацијата „Сигнал“ каде што американскиот министер за одбрана Пит Хегсет и други дискутирале за бомбардирањето на Јемен.


Портпаролите на Трамп тврдат дека неговиот телефон е модифициран со цел зголемување на безбедноста, без да дадат детали. Во интервју за Политико минатата година, Крис Лачивита, еден од советниците на кампањата, рече дека се откажал од обидите да му забрани на својот шеф да го користи телефонот: „Што требаше да направиме? Да му го одземеме телефонот? Да му го смениме бројот? Да му кажеме дека не може да го користи телефонот?“, изјави тој.

Мајкл Волф, сепак, не е убеден дека Трамп открива многу тајни во овие бескрајни разговори: „Се обидувам да се сетам која би била безбедносната закана. Не дека нешто од тоа што го кажува е тајна. Тој на сите им го кажува истото. Тука нема доверливост. Тоа се само обични разговори“, заклучи тој.