Оваа физичка активност е неопходна, доколку сакате да го сочувате мозокот од деменција

Точка

17/06/2025

17:04

720

Големина на фонт

а а а

Деменцијата сè повеќе се јавува како водечка причина за зависност и инвалидитет кај постарите лица, а според предвидувањата, бројот на заболени глобално ќе продолжи да расте.

 Истражувањата покажуваат дека во 2019 година имало 55 милиони заболени, а до 2050 година се очекува таа бројка да достигне 139 милиони, пишува „Саенс алерт“.

Истражување спроведено од научници од Универзитетот за наука и технологија Хуажонг во Кина и Универзитетот во Сиднеј потврдува дека возењето велосипед, како и други форми на умерена физичка активност, го штитат мозокот од невродегенерација.


Истражувачите анализирале податоци од јавното здравство во Велика Британија за речиси половина милион луѓе со просечна возраст од околу 56 години, барајќи поврзаност меѓу начинот на транспорт и појавата на деменција. Притоа, транспортот бил поделен во четири групи: неактивен (автомобили и јавен превоз), одење пеш, комбинирано пешачење и неактивен превоз и возење велосипед. Патувањата до и од работа биле исклучени од анализата.

Во споредба со неактивните патници, велосипедистите имале:

• 19 отсто помал ризик од деменција од сите типови,

• 22 отсто помал ризик од Алцхајмерова болест,

• 40 отсто помал ризик од рана деменција (пред 65 години),

• 17 отсто помал ризик од доцна деменција (во подоцнежни години).

„Овие наоди укажуваат дека промовирањето на активен начин на движење, особено возењето велосипед, може да се поврзе со намален ризик од деменција кај лица од средна и постара возраст, што има големо значење за јавното здравје преку поттикнување на достапни и одржливи практики за зачувување на когнитивното здравје“, наведуваат истражувачите.


Деменцијата е комплексна состојба и се смета дека во неа се вмешани различни фактори. Претходни студии веќе покажале врска меѓу способноста за просторна ориентација и големината на мозокот – што се совпаѓа со наодите од оваа студија, според кои велосипедистите имале поголем хипокампус (дел од мозокот поврзан со меморијата). Сепак, кај лица со генетска варијанта APOE4, која е поврзана со Алцхајмерова болест, велосипедизмот не покажал позитивен ефект.


Возрастa и образованието биле земени предвид при анализата, но студијата не докажува директна причинско-последична врска – постојат и други фактори кои не биле следени.