Пратениците во долниот дом гласаа за декриминализација на абортусот во Англија и во Велс, историски потег што ќе донесе најдалекосежна промена во репродуктивните права во последните децении. По емотивна и страсна дебата, пратениците гласаа за реформата со 379 гласа „за“ и 137 „против“.
Тие со огромно мнозинство го поддржаа амандманот на пратеничката од Лабуристичката партија, Тони Антонијаци, за отстранување на заканата од истрага, апсење, гонење или затворање за секоја жена што дејствува во врска со сопствената бременост, пишува „Индипендент“.
Реформата е дизајнирана да ги заштити жените, а воедно да ги задржи казните за насилните партнери или медицинските професионалци што прекинуваат бременост надвор од постојната законска рамка. За време на дебатата пратениците тврдеа дека британскиот т.н. викторијански закон за абортус „сè повеќе се користи против ранливи жени и девојки“.
Според сегашниот закон, абортусот во Англија и во Велс е кривично дело, но е дозволен до 24. недела со одобрение од двајца лекари. Исто така, дозволено е во одредени околности по тој период, како, на пример, кога животот на мајката е во опасност.
На жените може да им се препишат и лекови за прекинување на бременоста дома ако се бремени помалку од 10 недели.
Поддршката за реформа на законот порасна во последните години, што се совпаѓа со зголемувањето на бројот на гонења жени обвинети за вршење нелегални абортуси.
Сепак, потегот наиде на силен отпор од министерката за правда, Шабана Махмуд, која ги опиша реформите како екстремни.
Антонијаци вели дека полицијата истражувала повеќе од 100 жени во текот на изминатите пет години под сомнение за нелегални абортуси, вклучувајќи жени што доживеале спонтани абортуси и мртвородени деца.
„Секој од овие случаи е пародија, овозможена од нашиот застарен закон за абортус. Првично беше донесен од машки парламент избран од мажи. Овој викторијански закон сè повеќе се користи против ранливи жени и девојки“, рече Антонијаци.