Лажен стоматолог поправал и им вадел заби на луѓето, учел преку Интернет

Макфакс

19/06/2025

08:08

824

Големина на фонт

а а а

Обвиненија се покренати против лажен стоматолог и неговите двајца помошници, кои лекувале десетици пациенти во Чешка откако го научиле „занаетот“ преку Интернет.

Според полициското соопштение, тројца членови на исто семејство отвориле комплетно опремена стоматолошка ординација без никаква лиценца или професионална квалификација во градот Хавличков Брод во централна Чешка во 2023 година.

Лажниот стоматолог, 22-годишен маж, правел прегледи, вадел заби, чистел забни канали и давал анестезија, сето тоа врз основа на знаење стекнато преку Интернет. 50-годишна жена работела како медицинска сестра, додека 44-годишен маж, кој го обезбедувал просторот, изработувал протетика за пациентите.

Жената, која претходно работела во здравството, набавила анестезија, но и други стоматолошки материјали до кои имала пристап, како пломби, лепила, материјали за отпечатоци и други“, соопштија од полицијата.

На прашањето на АФП дали пациентите се пожалиле, портпаролката на полицијата Михаела Леброва одби да коментира.

Полицијата соопшти дека нелегалната ординација лекувала десетици пациенти и остварила приход од околу 160.000 евра.

Тројката беше уапсена на почетокот на овој месец и обвинета за неовластени активности, перење пари, обид за повреда, манипулација со дрога и кражба.

Досега не се казнети. Откако ја признаа вината, тие беа пуштени да се бранат од слобода, и им се заканува казна затвор до осум години.

Поради хроничниот недостиг на стоматолози, чешкиот парламент минатата година усвои закон со кој се олеснува вработувањето на стоматолози од земји надвор од Европската Унија