Болницата Сорока во Бершеба на југот на Израел утринава соопшти дека зградата била погодена со проектил при ирански ракетен напад на израелска територија.
„Во нападот беше погодена болницата и беше предизвикана значителна штета во неколку области. Во моментов ја проценуваме штетата, како и бројот на потенцијални повредени“, се вели во соопштението на болницата.
Неколку минути претходно израелското Министерство за надворешни работи извести за „директен удар“ на важен објект каде се згрижуваат бројни израелски војници ранети во Појасот Газа.
Massive damage to Soroka Medical Center in Beersheba, following the impact of a ballistic missile fired by Iran. pic.twitter.com/8rXhGeuk0z
— OSINTdefender (@sentdefender) June 19, 2025
Иранските медиуми објавија дека Иран утринава истрелал проектили кон Израел.
„Технолошки напредни проектили летаат над Тел Авив“, објави новинската агенција Фарс, додека иранската државна телевизија директно емитуваше снимки од Тел Авив.
Иран утрово најави дека ќе го натера Израел да зажали и плати за сите свои напади, во седмиот ден од интензивната и невидена војна меѓу двете земји.
„Иран ќе продолжи да го користи своето право на самоодбрана со гордост и храброст и ќе го натераме агресорот да зажали и да плати за својата тешка грешка“, напиша иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи на „Икс“, обвинувајќи го Израел дека сака да го прошири конфликтот во регионот и пошироко.
Израелската војска претходно објави дека изведува серија напади во Иран, вклучително и Техеран, на седмиот ден од нејзината офанзива против Исламската Република.