Белградската двојка која стои зад поткастот „Baci5“, во новата епизода одлучила малку да се позанимава со помош на ChatGPT и да му постави прашање: која е најубавата држава од поранешна Југославија?
Водителите се обиделе да погодат како ќе реагира вештачката интелигенција на рангирањето на земјите.
„Верувам дека многу луѓе ќе ме искритикуваат поради ова, но ајде да бидеме искрени. Поради приморјето би рекол дека тоа е Хрватска“, изјавил еден од нив.
И бил во право – AI токму Хрватска ја ставил на првото место на листата на најубавите земји на поранешна Југославија.
„Реално, втора би била Србија“, додал тој, но веќе тука згрешил. „ChatGPT очигледно сака море“, заклучиле тие затоа што Црна Гора се нашла на второто место, а веднаш зад неа Словенија.
Србија се нашла на четвртото место, Босна и Херцеговина на петтото, додека пак Македонија била на последно место.
Листата иницирала дебата
Нивното видео предизвикало лавина коментари. Многумина напишале дека нивната земја е најубава, додека пак други се прашале дали ChatGPT листата ја направил според тоа која земја има излез на море.
Еден коментар особено се издвоил:
„Тоа всушност не може објективно да се рангира. На пример, Охридското Езеро е едно од најубавите езера во Европа. Додека пак Хвар и Брач се неверојатни. Бока Которска е најубавиот залив на светот. Тара и Дрина оставаат без здив. Реката Уна е најубавата европска река. Тоа се такви природни убавини, а има уште многу кои вреди да се спомнат“.