Стотици Американци го напуштија Иран, Стејт департментот предупредува на опасноста

Макфакс

21/06/2025

09:38

237

Големина на фонт

а а а

Стотици американски граѓани го напуштија Иран по копно во текот на изминатата недела откако изби војната со Израел, пишува „Ројтерс“ повикувајќи се на извештај на Стејт департментот до кој имал увид.

Додека многумина заминале без проблем, бројни граѓани се соочиле со задоцнување и малтретирање при обидот да си заминат, се наведува. Неидентификувано семејство пријавило приведување на двајца американски државјани кои се обидувале да го напуштат Иран.

Интерната порака од 20 јуни го нагласува предизвикот со кој се соочува Вашингтон во обидот да ги заштити и да им помогне своите граѓани во земја со која нема дипломатски односи и во војна во која САД наскоро би можеле да се вклучат.

Стејт департментот не одговори веднаш на барањето за коментар.

Претседателот Доналд Трамп и Белата куќа во четвртокот соопштија дека во следните две недели ќе одлучат дали САД ќе се вклучат во израелско-иранската војна. Трамп го држеше светот во неизвесност за неговите планови, преминувајќи од предлагање брзо дипломатско решение до сугерирање дека Вашингтон може да се приклучи на борбата на страната на Израел.

Воздушната војна започна на 13 јуни кога Израел го нападна Иран. Израел е единствената земја на Блискиот Исток за која се верува дека има нуклеарно оружје и тврди дека со нападот на Иран го спречил Техеран да развие сопствено нуклеарно оружје. Иран, кој тврди дека неговата нуклеарна програма е мирна, возврати со свои напади врз Израел.

Американскиот Стејт департмент издаде предупредување за патување во петокот во кое ги повикува своите граѓани кои сакаат да го напуштат Иран да користат копнени рути преку Азербејџан, Ерменија или Турција. Иранскиот воздушен простор е затворен.

Амбасадата на САД во главниот град на Туркменистан, Ашгабат, побарала влез за повеќе од 100 американски државјани, но владата на Туркменистан сè уште не одобрил, се вели во телеграмата.

Исламската Република ги третира иранско-американските двојни државјани исклучиво како граѓани на Иран, нагласи Стејт департментот.

„Американските граѓани се изложени на значителен ризик од испрашување, апсење и притворање во Иран“, се вели во предупредувањето.

Вашингтон бара начини како потенцијално да ги евакуира своите граѓани од Израел, но речиси и да нема начин да им помогне на Американците во Иран. Двете земји немаат дипломатски односи од Иранската револуција во 1979 година.