Руте: Мора да направиме повеќе, незамисливо е Русија да нè престигне во вооружување

Макфакс

24/06/2025

20:50

241

Големина на фонт

а а а

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека е незамисливо Русија да го надмине западниот воен сојуз во областа на военото производство, објавува агенцијата dpa и потсетува дека НАТО се подготвува официјално да објави голем скок на трошоците за одбрана.

„Мора да направиме повеќе. Едноставно е незамисливо Русија, чија економија е 25 пати помала од НАТО, да нè престигне во производство и вооружување“, рече шефот на НАТО пред важниот самит во Хаг.

„Мора да трошиме повеќе за да спречиме војна. Мора да ја добиеме оваа нова војна во производството“, нагласи Руте.


Според него, постои целосна посветеност од американскиот претседател Доналд Трамп и високото американско раководство во НАТО. Додаде дека, сепак, таквата поддршка доаѓа со очекување европските земји и Канада да трошат повеќе за одбрана.

Лидерите на 32-те членки на НАТО се собираат денес и утре на историски самит во Хаг, каде што се очекува да потврдат зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од БДП до 2035 година.

Членовите на Алијансата неодамна се согласија за нови цели поврзани со зајакнување на одбранбените капацитети, односно најголемото вооружување од Студената војна, за да се издржи евентуален напад од Русија. Русија, која е во војна со Украина повеќе од три години, значително го зголеми военото производство, што предизвика стравувања дека би можела да одлучи да нападне територија на НАТО за неколку години.