[ВИДЕО] Со широко мнозинство усвоен извештајот за Македонија, Вајц рече дека е горд, а државата припаѓа во ЕУ

Макфакс

24/06/2025

11:56

5.012

Големина на фонт

а а а

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент со широко политичко мнозинство го усвои извештајот за Македонија, поднесен од европратеникот и известувач за земјата, Томас Вајц.

Вајц изрази задоволство и истакна дека е горд на целата напорна работа што беше вложена во наоѓањето компромиси за да може да биде донесен со широко политичко мнозинство овој, како што го нарече, добро избалансиран извештај.

„ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж со кој се соочуваме. Северна Македонија припаѓа во ЕУ. По 20 години преговори, мора да го одржиме моменталниот добар моментум за понатамошно унапредување на процесот на проширување“, рече Вајц.

Извештајот наредно треба да биде одобрен на пленарното заседание на Европскиот парламент.

Извештајот првично требаше да се најде на дневниот ред на 4 јуни, но беше одложен на барање на Вајц. Тогаш тој нагласи дека посведочил интензивни политички дебати околу извештајот, но апсолутно стои зад документот. Потенцира дека се работи за извештај на Европскиот парламент и на Европската Унија, кој нема намера и нема за цел решавање на билатерални прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека имало обиди да се нанесе удар на македонскиот идентитет, преку внесување на изрази како „модерен“ или „сегашен“ македонски јазик, но тие удари успеале да ги амортизираат.

На усвојувањето на извештајот најмногу се противеа бугарските европратеници. Бугарскиот министер за надворешни работи Георг Георгиев вчера изјави дека извештајот нема меѓународно правно обврзувачка природа, а Европскиот парламент нема надлежност да изразува мислење за прашања како што се идентитетот и јазикот.