Американскиот произведувач на AI чипови „Nvidia“, во средата повторно станала највредната компанија на светот, откако акциите се зголемиле за 4,33 отсто и го затвориле денот со рекордна вредност.
Акциите на компанијата завршиле со тргување на 154, 31 долари, надминувајќи го претходниот рекорд на затворање на ден од 149,43 долари забележан на 6 јануари.
„Nvidia“ сега вреди 3,77 билиони долари, со што по пазарната капитализација повторно станала највредната компанија на светот, дури и пред „Microsoft“.
Иако „Nvidia“ и натаму доминира на пазарот на графички процесорски единици (GPU), кои се клучни за изведување на AI задачите и изработка на поголеми модели, интензитетот на овогодишниот раст бил изненадувачки со оглед на тоа дека компанијата навела дека ѝ е забранет пристап на кинескиот пазар.
„Nvidia“ во последниве месеци се соочува со низа предизвикувачки ограничувања и забрани кои ги наметнува американската влада.
Во април администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп вовела дополнителни регулативи кои ја запреле продажбата на „Nvidia H20 AI“ процесорот, којшто бил дизајниран да биде во состав со претходните ограничувања.
Освен што била принудена да „отпише“ 4,5 милијарди долари залиха, компанијата минатиот месец соопштила дека американските ограничувања ќе ја чинат осум милијарди долари во продажбата. „Nvidia“ моментално не смета на било каква продажба во Кина.
Сепак, објавата на заработката од месец мај покажала пораст на приходите од 69 отсто во однос на истиот период минатата година.