"Xiaomi YU7", лансиран по цена пониска од онаа на "Tesla", забележа неверојатни 289.000 нарачки во првиот час од продажбата.
Компанијата "Xiaomi" го претстави својот прв електричен "SUV", моделот "YU7", со јасна намера да му конкурира на "Tesla Model Y". Почетната цена на возилото изнесува 253.500 јуани, односно околу 35.360 американски долари, што го прави нешто поевтин од конкурентот.
Првичните податоци за преднарачките се импресивни – само три минути по објавата, "YU7" собра над 200.000 интересирања, а за само еден час бројот на нарачки достигна речиси 289.000, со што значително се зголеми и вредноста на акциите на компанијата.
Овој огромен интерес сведочи за силна побарувачка и претставува јасен сигнал дека "Xiaomi" сериозно влегува во игра со најголемите играчи во автомобилската индустрија – барем на кинескиот пазар.
Достапен во три верзии
Техничките карактеристики на моделот "YU7" се импресивни. Возилото е достапно во три верзии – "Standard", "Pro" и "Max".
Основниот модел доаѓа со "LFP" батерија од 96,3 kWh и погон на задните тркала, нудејќи автономија до 835 километри според кинескиот "CLTC" стандард и забрзување од 0 до 100 km/h за 5,9 секунди.
Другите верзии – "Pro" и "Max" – имаат погон на сите тркала. "Pro" достигнува 100 km/h за 4,3 секунди, додека "Max" верзијата тоа го постигнува за само 3,2 секунди.
Еден од највпечатливите елементи е ултра-брзото полнење: "Max" верзијата може да се наполни од 10% до 80% за само 12 минути, благодарение на 5.2 C технологијата.
Возило со луксузна големина и опрема
Возилото има должина од над 5 метри, со меѓуоскино растојание од 3 метри, што овозможува пространа и луксузна внатрешност.
Ентериерот е преполн со дигитална и премиум опрема: два големи екрана, напреден "HUD" систем, кожни масажни седишта од "Nappa" кожа, како и интеграција со "Xiaomi smart home" екосистемот.
Присутни се и "LiDAR", "4D" радар, како и "Nvidia DRIVE" платформа, што укажува на сериозните технолошки амбиции на "Xiaomi" во насока на безбедност и автономно возење.
Во моментов, "Xiaomi" не е присутен на европскиот пазар – и тоа најверојатно нема наскоро да се промени, бидејќи компанијата едвај успева да ја задоволи побарувачката на домашниот, кинески пазар.