"BMW" тврди дека ако иднината е електрична, тогаш таа мора да биде финансирана преку моторите со внатрешно согорување.
Многу автомобилски компании брзаа да објават крајни рокови за престанок на користење на моторите со внатрешно согорување, но потоа ги ублажија своите амбициозни планови за електрификација.
"BMW" тоа не го направи – едноставно затоа што никогаш и не вети целосно откажување од бензински или дизел мотори.
Извршниот директор Оливер Ципсе повеќепати нагласуваше дека преминот кон електрични возила не смее да биде наметнат, туку потрошувачите треба да имаат право на избор, особено поради високата цена на "EV" возилата и недоволната инфраструктура за полнење.
Во ново интервју за германскиот деловен весник "Automobilwoche", висок функционер на "BMW" изјави:
„Бензинскиот мотор е нашата основа и ќе ја финансира и нашата иднина.“
Клаус фон Молтке, директор на "BMW"-фабриката во Австрија, каде што лани се произведоа 1,2 милиони мотори, додаде дека развојот на класичните погонски системи продолжува.
За да се обезбеди иднината на моторите со внатрешно согорување, инженерите работат на три до осум цилиндрични мотори кои ќе ги исполнат новите "Euro 7" стандарди.
Иако фокусот е често на бензинците, дизелот сè уште не е отпишан.
Фон Молтке нагласува дека компанијата тестира различни горива компатибилни со "SUS" мотори, вклучувајќи го и "HVO100" за дизел погон.
"HVO" значи „хидрогенизирано растително масло“, а бројот 100 означува дека се работи за 100% чисто гориво.
"BMW" веќе користи "HVO100" за своите дизел возила произведени во Германија. Компанијата тврди дека емисијата на CO₂ може да се намали до 90% во споредба со класичниот дизел. Дополнително, ваквите дизел мотори подобро стартуваат во ладни услови и се помалку склони кон контаминација благодарение на чистотата на горивото.
Покрај моторите со внатрешно согорување, "BMW" фабриката во Австрија произведува и електрични мотори за идните модели од серијата "Neue Klasse".
Иако компанијата останува верна на традиционалниот погон на долг рок, очекувањата се дека до крајот на деценијата, продажбата ќе биде поделена 50-50 меѓу SUS и EV модели.
Тоа е амбициозна цел, особено ако се има предвид дека во 2024 година само 17,4% од продажбата на "BMW Group" (вклучувајќи ги Mini и Rolls-Royce) биле електрични модели. Во првиот квартал од 2025, EV моделите достигнаа 19% од испораките, па веројатно се надеваат дека рамнотежата е достижна до 2030.
На прашањето дали верува дека Европската Унија ќе ја спроведе забраната за продажба на нови автомобили со "SUS" мотори до 2035, фон Молтке одговара:
„Не е наша работа да предвидуваме такви нешта; тоа е бесмислено. Нашата задача е да ги разгледаме сите можни сценарија, да бидеме подготвени за секое и да осигуриме дека можеме да испорачаме она што го бара пазарот.“
"BMW" ги остава сите опции отворени и сè уште не ги насочил сите ресурси кон EV стратегијата. Останува посветен на развој на "SUS" мотори, а веќе е потврдено дека се развива нов "М3" со шестцилиндричен бензински мотор, веројатно со одредено ниво на електрификација.
Поголемиот "M5" не изгуби ниту еден цилиндар – неговиот "V8" мотор сега е дел од "plug-in" хибриден систем, со цел да ги исполни сè построгите еколошки стандарди.