За некои, ова е едно од најочекуваните возила на годината – ќе биде интересно да се види каква ќе биде побарувачката.
Веројатно ни најголемите оптимисти во "Xiaomi" не можеа да замислат подобро сценарио за влез на нивната компанија на пазарот на електрични автомобили. Нивниот прв модел, "SU7", ја воодушеви целата индустрија и постави солидна основа за иднината. По огромниот продажен успех на таа лимузина, редот дојде и за "SUV" моделот – за некои, најочекуваниот автомобил на годината.
Со моделот "YU7", кој беше јавно претставен оваа недела, амбициите на "Xiaomi" се уште поголеми – овој "SUV" директно го предизвикува најпопуларниот електричен автомобил на светот, "Tesla Model Y". Возилото комбинира напредни спецификации и висока технолошка интеграција, сето тоа со почетна цена од нешто над 30.000 евра (пресметано според кинеската цена во европски вредности).
Дизајн инспириран од "Ferrari" и перформанси од суперспортски автомобил
Најмногу внимание привлекува неговиот спортски и елегантен дизајн, кој многумина го споредуваат со "Ferrari Purosangue". Со должина од речиси 5 метри, ширина од 1,96 m и висина од 1,6 m, "YU7" нуди импресивно присуство на патот.
Под хаубата, "YU7" доаѓа во три изведби. Најсилниот модел, "YU7 Max AWD", располага со погон на сите четири тркала и вкупна сила од 508 kW (690 коњски сили). Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае само 3,23 секунди, а максималната брзина изнесува 253 km/h. Сето тоа по цена од под 40.000 евра на кинескиот пазар.
Основниот модел, "Standard", има заден електромотор со 320 коњски сили и забрзување до 100 km/h за нешто под 6 секунди, по цена од околу 30.000 евра. Верзијата Pro со два мотора и 4×4 погон нуди речиси 500 коњски сили и забрзување до 100 km/h за 4,7 секунди, со цена од 33.300 евра.
Технологија достапна за сите
Сите изведби поддржуваат брзо полнење. Моделите "Standard" и "Pro" се опремени со "LFP" батерија од 96,3 kWh, која обезбедува досег до 853 km, односно 770 km кај моделот со 4×4 погон. Врвниот модел располага со батерија од 101,7 kWh, која може да се наполни од 10% до 80% за 12 до 21 минута, нудејќи досег до 760 km.
Луксузна внатрешност и практичност
Внатрешноста доминира со огромен "HyperVision" панорамски екран, преку кој се управува со сите функции. Возилото има 25 звучници, висококвалитетни и удобни седишта, а како опција може да се додаде и вграден фрижидер од 4,6 литри.
Безбедноста е на високо ниво – тука се "LiDAR" сензори и систем за помош при возење. Багажниот простор изнесува 687 литри назад и 141 литар напред, а со спуштање на задните седишта се добива вкупен капацитет од 1.758 литри.
Како што објаснуваат од "Electrek", "YU7" е пример за тоа како напредната технологија може да биде достапна за пошироката маса, и токму тоа ги загрижува западните производители. Кинеските електрични автомобили, со конкурентни цени и врвна опременост, стануваат сè поголема закана за доминацијата на западните брендови на глобалниот пазар.
Повеќе фотографии можете да погледнете ТУКА!