Вадефул: Германија ќе ѝ помогне на Украина да произведува повеќе оружје со побрзо темпо

Макфакс

30/06/2025

18:48

112

Големина на фонт

а а а

Целта на Германија е да ѝ помогне на Украина да произведува повеќе оружје со побрзо темпо, во време кога таа земја се обидува да ја зајакне својата позиција во мировните преговори со Русија, изјави денес во Киев шефот на германската дипломатија, Јохан Вадефул.

„Веруваме дека наша задача е да ѝ помогнеме на Украина за да може посилно да преговара“, рече Вадефул за време на посетата на Киев, во придружба на претставници на германската индустрија за специјални намени.

Руската инвазија на Украина не покажува знаци на смирување. Украина нема доволно оружје ниту војници на фронтот, а меѓународната помош е клучна за нејзиниот отпор кон значително поголемата руска армија и економија. Германија е најголемиот воен спонзор на Украина по САД, чија понатамошна поддршка е доведена во прашање, анализираат медиумите.

На заедничката прес-конференција со украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибих, Вадефул рече дека прокламираната подготвеност на Путин за преговори е „само фасада засега“.

„Сакаме да изградиме нови заеднички вложувања за самата Украина да може да произведува побрзо и повеќе за сопствена одбрана, бидејќи вашите потреби се огромни. Нашата соработка во производството на оружје е вистински адут – тоа е логично продолжение на нашата испорака на опрема. Можеме да имаме заедничка корист од тоа – со вашето богатство на идеи и вашето искуство, ќе станеме подобри“, рече Вадефул, кој ќе разговара и со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.

Вадефул го посети Киев помалку од 48 часа откако Русија го започна, според украинските власти, најголемиот воздушен напад врз Украина од почетокот на инвазијата во февруари 2022 година.