Неколку европски земји планираат да постават мински полиња на границата со Русија и Белорусија. Нивната цел е да го заштитат источното крило на НАТО од евентуален руски напад. Но, тоа има сериозни последици.
Од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, тешко дека имало поважно прашање за НАТО од тоа како подобро да го одбрани своето источно крило. Финска, Естонија, Латвија, Литванија и Полска се пет од шесте земји-членки на НАТО што граничат со Русија и Белорусија, пишува Дојче Веле (DW).
Од 2022 година, овие земји инвестираа многу во обезбедувањето на своите граници – на пример, со изградба на огради и системи за надзор. Сега пак, се појави нов план за заштита на границите: противтенковски и противпешадиски мини.
Повлекување од Договорот од Отава
Во последните месеци, тие пет земји-членки на НАТО постојано го најавуваат своето повлекување од таканаречената Отавска конвенција – договор што беше склучен во 1997 година и стапи на сила две години подоцна. Со него се забрануваат противпешадиските мини низ целиот свет и нивната употреба, производство и дистрибуција.
Овој вид мини е многу проблематичен, меѓу другото, бидејќи и војниците и цивилите можат неселективно да настрадаат поради нив. Покрај тоа, преостанатите мини остануваат долгорочна закана дури и по завршувањето на конфликтот. Само во 2023 година, речиси 6.000 луѓе ширум светот загинале или биле ранети – 80 отсто од жртвите биле цивили, вклучувајќи деца. Од друга страна, деминирањето и расчистувањето на тие експлозивни направи е опасно, скапо и трае исклучително долго.
Повлекувањето на тие пет земји од договорот сега треба да се официјализира – само Норвешка, која исто така има граница со Русија долга речиси 200 километри, не сака да се откаже од договорот. Од крајот на годината, тие пет земји-членки на НАТО повторно би можеле да почнат да произведуваат и складираат противпешадиски мини во близина на нивните граници – кои потоа, во сериозни ситуации, треба брзо и масовно да се искористат.
Вкупно 164 земји ширум светот ја потпишаа Конвенцијата од Отава, но 33 не ја потпишаа. Покрај големите сили, како што се Соединетите Американски Држави и Кина, во оваа група спаѓа и Русија. Всушност, земјата има убедливо најголеми резерви на противпешадиски мини во светот – околу 26 милиони, а многу од нив се користат во Украина.
Милиони мини во шумски области?
До денес, според податоците на невладината организација „Хендикеп Интернешнл“, 58 земји и други области се контаминирани со мини – и покрај фактот дека конфликтите во некои од овие земји се случиле пред неколку децении.
Во најлош случај, во следните неколку години би можеле да се додадат нови големи области. Границата на петте земји-членки на НАТО со Русија и Белорусија, од финската Лапонија на север до полската покраина Лублин на југ е долга околу 3.500 километри. Голем дел од овие области се ретко населени и густо пошумени, што го отежнува целосното следење на граничната област.
Но, сега таму постои голема загриженост поради можен руски напад врз територијата на НАТО. Толку голема што тие земји сега би можеле да прибегнат кон употреба на оружје што светот всушност сакаше да го забрани и укине. Според извештајот на британскиот весник „Телеграф“, експертите на НАТО веќе анализираат кои области би биле погодни за евентуално минирање. Целта на земјите-членки на Алијансата е максимално одвраќање: заедно со други мерки за обезбедување на границата, тој мински килим, за многу краток временски период, во случај на руски напад, би требал да предизвика толку големи загуби за непријателот што Москва би морала да се воздржи од понатамошна војна.
Новата „Железна завеса“
Но, за ефикасно да се заштити таа долга граница, би биле потребни неколку милиони мини и експлозивни стапици. Големи области би морале да останат ненаселени со децении, а евентуалната штета врз луѓето и животната средина би била тешко да се предвиди.
За експлозивната „Железна завеса“ веќе пишувал Дејвид Блер, дописник на Телеграф – алудирајќи на силно чуваната граница меѓу НАТО и земјите од Варшавскиот пакт за време на Студената војна.
Паралелно со можното поставување мини, источноевропските земји-членки на НАТО иницираа и многу други мерки. Граничните огради и ѕидови веќе се подигнати или зајакнати, инсталирани се модерни системи за надзор и рано предупредување, а зголемен е и бројот на војници.
Некои од овие земји долж границата планираат да користат одбранбени системи против беспилотни летала, да ги продлабочат системите за наводнување за да можат да се користат како ровови во итни ситуации или садење дрвја на важни патни комуникации, со цел да се обезбеди помала видливост, а со тоа и заштита на цивилите и војниците.
Неопходност или неодговорност?
Особено ранлива членка на источното крило на НАТО е Литванија. Таму, помеѓу руската енклава Калининград на запад и Белорусија на исток, поминува таканаречениот Сувалски коридор, тесна копнена врска од само 65 километри помеѓу Балтикот и остатокот од територијата на НАТО.
Владее голема загриженост дека евентуалниот руски напад би можел да се случи токму таму. Поради оваа причина, самата Литванија има намера да инвестира околу 800 милиони евра во производство на нови мини во наредните години. Министерот за одбрана на земјата, Довиле Шакалиене, ги оправда тие планови како „егзистенцијална опасност“ за неговата земја. Покрај тоа, како што нагласи, Русија во последно време произведува сè повеќе мини, додека Европа, во согласност со Конвенцијата од Отава, ги уништувала своите резерви.
Во интервју за Дојче Веле, Ева Марија Фишер, која е раководител на правната служба во организацијата „Хендикеп Интернешнл Германија“, ги смета сегашните планови за опасен и загрижувачки развој на настаните. „Секако, загриженоста за безбедноста на источноевропските земји во сегашниот нестабилен меѓународен контекст може да биде оправдана“, рече Фишер уште во март, кога првата од тие пет земји ги објави своите планови.
„Меѓутоа, трајната безбедност не може да се изгради врз оружје кое убива неселективно, останува во земјата долго по завршувањето на конфликтот и продолжува да ги осакатува цивилите и да ги уништува основните ресурси за живот. Постојат и други алтернативи за одбрана на земјата. Тие може да изгледаат поскапи, но не се, кога ќе се земат предвид огромните последователни трошоци од употребата на противпешадиски мини“, заклучи Фишер.