Поранешен голман на Реал за Роналдо: Им купуваше подароци на вработените. Тој е феномен

Точка

03/07/2025

18:30

1.207

Големина на фонт

а а а

Кристијано Роналдо остави длабока трага во историјата на Реал Мадрид за време на своите девет години поминати во клубот, откако во 2009 година пристигна од Манчестер Јунајтед. Освои бројни трофеи, меѓу кои четири титули во Лигата на шампионите, и стана најдобар стрелец во историјата на клубот. Но, освен по своите успеси на теренот, Роналдо беше познат и по својата великодушност кон соиграчите и персоналот на клубот – нешто што го потврди поранешниот резервен голман на „кралскиот клуб“, Кико Касиља.

Касиља во емисијата "The After Show" раскажа дека Роналдо често им подарувал скапи подароци на своите соиграчи и на вработените во клубот – како "iPhone" и "Apple Watch" – што предизвикало голема благодарност кај сите.

„Тој е феномен, натчовечка личност која помага дури и на последното дете што ќе помине низ младинската школа“, изјави Касиља.

Тој додаде дека Роналдо никогаш не зборувал за тоа што го правел за другите, бидејќи не му било цел да се фали, но сите биле свесни за неговата дарежливост. „Замоли го за било што и ќе ти го даде. Најдобар пример за неговата великодушност беше за време на претсезонскиот камп во САД – тогаш им купи на сите вработени – физиотерапевти, обезбедување и други – нови "iPhone" телефони и "Apple Watch" часовници од таа година“, откри Касиља.


Повеќе од 900 голови

Во текот на својата кариера, Кристијано Роналдо стана еден од најтрофејните фудбалери на сите времиња. Со Манчестер Јунајтед освои три титули во Премиер лигата, ФА Куп, Лигата на шампионите и многу други признанија. Со Реал Мадрид доминираше со четири титули од Лигата на шампионите, две титули во Ла Лига и низа други успеси. Во Јувентус освои две титули од Серија А, а со Ал-Наср веќе го има трофејот од "Arab Club Champions Cup".

Со репрезентацијата на Португалија, Роналдо постигна историски успех освојувајќи го Европското првенство во 2016 година и Лигата на нации во 2019. Покрај тимските трофеи, тој пет пати ја освои Златната топка, четири пати ја освои Златната копачка, а е и најдобар стрелец во историјата на Лигата на шампионите и на сите национални репрезентации – со над 900 постигнати голови во својата кариера.