Владата направи огромна грешка што го постави јазикот како алатка за дневна политика и популистичка егзибиција. Со тоа тие ја отворија темата што веќе беше затворена, затоа што направија погрешна проценка дека ќе обезбедат јавна доминација врз наративот со Бугарија, пишува на социјалните мрежи поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи по најавите од Бугарија дека трите најголеми политички сили во Европскиот парламент се согласиле да ги отстранат термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија.
„Ставот на Бугарија за македонскиот јазик преставува предизвик за односите меѓу двете земји низ трите декади од нашето осамостојување. Во последните две декади тоа беше дефинирано преку компромисната формулација за македонскиот јазик – согласно уставот”, и тоа прво во декларација од 1999 година, потоа преточена и во Договорот за пријателство од 2017.
Во клучниот документ на ЕУ за земјава, Унијата го прифаќа македонскиот јазик без никакво дообјаснување, без фусноти или ѕвездички, без никакви дополнителни квалификации, чист македонски јазик. Веднаш потоа оваа чиста формулација беше применета во договорот за Фронтекс, како прв преседан за употреба на македонскиот јазик од страна на Унијата кој треба да продолжи да се применува и во иднина“.
Според него, да се доведе во прашање оваа позиција за помалку од една година не само што претставува израз на несмасност, туку и на неодговорност предизвикана од политички егзибиционизам.
„Задоволувајќи го политичкото его, демонстрираа триумфализам за обезбедени некакви „посебни гаранции за вековност“ кои предвреме ги толкуваа како некаква победа вметната во извештајот на Европскиот парламент.
Треба да се биде јасен, тоа го предизвикува дебаклот во Европскиот парламент. Поради несериозен однос кон овој процес, македонскиот јазик и идентитет се избришани од Извештајот. Ова не се случи зашто Брисел не нѐ разбира, туку напротив, зашто што добро го сфати „ербаплукот“ на домашната политика во која преовладува балкански триумфализам потхранет со националистичка несмасност, неукост, и чии порази редовно завршуваат со префрлање на вината кај други.
А земјава очигледно има искрени пријатели, како Томас Вајц, кои оставаат впечаток дека се позагрижени за нејзиниот успех од оние кои ја предводат. Вајц се обиде со чиста намера да внесе позитивна формулација во извештајот, но неговиот напор беше пресретнат од потребата за шпекулација и потхранување на политичкото его, и наместо да биде цврсто поддржан, тој беше пуштен да падне како жртва на домашниот триумфализам и балканска надменост. Со таков однос исходот е логичен: позициите се изгубени, а довербата разнишана.
Сепак, овој дебакл не мора да значи севкупен пораз. Треба трезвено да се признае грешката и да се вратиме на најсилната основа што веќе постои – Преговарачката рамка. Ниту еден извештај на Европскиот парламент нема тежина каква што има Рамката, одобрена со консензус од сите земји-членки. Таа е најсилната гаранција, не само за јазикот и идентитетот, туку и за патот на државата кон ЕУ.
Владата мора да се соземе и да го преиспита односот кон европските пријатели, но и кон сопствената одговорност. Брисел, Берлин, Париз и останатите, веќе се заморени од несериозни импровизации. Време е да се престане со националистичко родео и да се покаже државничка зрелост“, напиша Османи.